Активности



Среда, 25 јануари 2012 година

Јавна расправа на тема: Превенција од рак на грлото на матката - македонско и европско искуство

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република Македонија, во соработка со Здружението за борба против рак „Борка“ и Европската асоцијација за борба против рак на грлото на матката, чиј полноправен член е македонското здружение, денеска одржа јавна расправа на тема: Превенција од рак на грлото на матката - македонско и европско искуство.

Оваа јавна расправа е посветена на Европската недела за борба против рак на грлото на матката 2012, во рамките на глобалната акција „Бисер на мудроста“ и претставува продолжување на активностите на Комисијата на оваа тема, како еден од нејзините приоритети.

Со свои поздравни обраќања расправата ја отворија: г-ѓа Лилјана Поповска, претседател на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, г-ѓа Биба Додева, претседател на Здружението за борба против рак „Борка“ и г. Јовица Андоновски, заменик-министер за здравство на Република Македонија.

Заменик-министерот Андоновски посочи дека годинава за рано откривање на ракот на грлото на матката планирано е да се направи скрининг на сите жени во Македонија во најкритична возраст од 24 до 35 години кои ќе добијат покани од матичните гинеколози за бесплатен гинеколошки преглед.

На јавната расправа беа претставени македонските и европските искуства во борбата против ракот на грлото на матката, со цел да се направи споредба и дополнително да се унапреди нашиот систем на превенција, преку организирани гинеколошки прегледи и ПАП-тестови, како и преку ХПВ-вакцини.

Во своите излагања, г-ѓа Јованка Костовска, раководител на Секторот за превенција во Министерството за здравство на Република Македонија, д-р Горан Димитров, претседател на Здружението за Хуман папило вирус (ХПВ) на Македонија и г-ѓа Марија Кишман, шеф на канцеларијата на СЗО во Македонија, апелираа дека зголемувањето на свесноста преку едукација за превентива од заболувањата, синергизам на ХПВ вакцинација и редовни гинеколошки прегледи со ПАП-тест, организиран скрининг и навремено дијагностицирање, се клучен фактор и предуслов за успешно лекување.

Активностите во Република Македонија за рано откривање на карцином на грло на матка започнале уште од 2006 година, а минатата година беше спроведен пилот скриниг во четири градови (Прилеп, Гостивар, Штип и Свети Николе) кај жени на возраст од 30 до 55 години.

Светската здравствена организација предупредува дека во 21. век, малигните заболувања ќе го преземат приматот над кардиоваскуларните заболувања, а Македонија не е исклучок од овие светски трендови и затоа скринингот има фундаментална улога во стратегијата на СЗО за контрола на цервикален карцином.

На крајот од расправата, Комисијата ги усвои следниве четири Заклучоци:

  1. Комисијата за еднакви можности на жените и мажите дава поддршка на активностите на Министерството за здравство за подигање на јавната свест и воспоставување на одржлив систем за борба со рак на грлото на матката преку национален организиран скрининг и ХПВ вакцинација;
  2. Комисијата ќе бара од здравствените институции да обезбедат точни статистички податоци и редовно да ги доставуваат до Институтот за јавно здравје и меѓународните институции;
  3. Комисијата тргнувајќи од своите приоритети изразува подготвеност да биде дел од севкупните залагања на институциите што работат на ова поле, третирајќи го овој проблем од аспект на родовата рамноправност;
  4. Комисијата укажува дека во овие активности е неопходна блиска соработка помеѓу институциите на национално и локално ниво, експертската јавност, невладините организации и меѓународните институции.
Click