Активности



Среда, 11 јануари 2012 година

Македонија и Турција - земји со одлична соработка, историски и културни врски

Пратеничката група за соработка со Парламентот на Република Турција и Комисијата за надворешна политика на Собранието на Република Македонија остварија средба со Делегација на Турско-македонската меѓупарламентарна група за пријателство на Големото национално собрание на Република Турција.

Претседателот на Пратеничката група за соработка со Турскиот парламент, г. Кенан Хасипи, изрази задоволство од средбата и од високиот степен на пријателство, разбирање и соработка меѓу двете земји, кои немаат спорни прашања.

Тој истакна дека во нашата земја многу се цени поддршката од Турција, уште повеќе што тоа е земјата која меѓу првите ја призна Република Македонија под уставното име, која прва отвори амбасада и именува амбасадор во Македонија.

Македонија и Турција имаат плодна соработка и на билатерално и на мултилатерално ниво. Соработката е одлична на многу полиња, како што се економијата, трговијата, индустријата, одбраната, образованието и културата. Посебно беше истакнато присуството на голем број турски компании во Македонија, соработката меѓу универзитетите од двете земји, значењето на Балканскиот универзитет, како и културно-историските знаменитости. 

Пратеникот од Истанбул, г. Хусеин Бурге, изразувајќи благодарност за гостопримството, информира дека сите турски Парламентарни групи за соработка со земјите од Југоисточна Европа, со заеднички потпис, поднеле иницијатива за формирање на парламентарна асамблеја на земјите од Југоисточна Европа.

Тој потенцираше дека поддршката од страна на Турција за Македонија трае уште од прогласувањето на независноста и ќе продолжи во иднина, а одлуката на Хашкиот трибунал за спорот со името со Грција, Турција ќе ја искористи за уште поголема поддршка на Македонија во евроатланските структури. Пратеникот Бурге изрази убедување дека Македонија ги исполнила сите услови за членство во НАТО и Турција ќе направи сè што е во нејзина можност тоа и да се случи.

Тој го истакна и значењето на Охридскиот рамковен договор како основа за мирен меѓуетнички соживот. Турската заедница во Македонија ја окарактеризира како мост на пријателство меѓу двете земји.

На средбата со г. Александар Николоски, заменик-претседател на Комисијата за надворешна политика и членовите, уште еднаш беа потврдени добрите пријателски односи и интензивната соработка на политичко и економско ниво, како и соработката во сферата на образованието.

Присутните посочија дека приоритети за нас и понатаму остануваат членството на земјата во европско семејство и НАТО и воедно изразија благодарност за поддршката што Турција ѝ ја дава на Македонија на домашен, а особено на меѓународен план.

Пратеникот од Истанбул, г. Хусеин Бурге, изрази благодарност за посетата, истакнувајќи ги добрите пријателски односи  помеѓу двете земји и историските и културните врски кои нè поврзуваат.

Click