Активности



Четврток, 15 ноември 2012 година, Брисел

МАКЕДОНСКА ДЕЛЕГАЦИЈА ВО ЕВРОПСКИОТ ПАРЛАМЕНТ 

Во организација на Директоратот за надворешни политики, односно Одделението за односи со Парламентите на земјите од Западен Балкан, на 14 и 15 ноември 2012 година, во Европскиот парламент во Брисел, Кралството Белгија, се одржува Парламентарен семинар на тема: „Заштитата на човековите права и состојбата на жените и децата".

Од Собранието на Република Македонија на овој настан учествуваа пратениците: г-ѓа Лилјана Поповска, претседател на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, г. Антонио Милошоски, претседател на Комисијата за надворешна политика, г. Гордан Георгиев, член на Постојаната анкетна комисија за заштита на правата и слободите на граѓанинот и г-ѓа Хајрије Мисими, член на Уставната комисија.

Во дискусијата на темата за заштита на малцинствата во ЕУ и Западен Балкан, за улогата на граѓанското општество во заштитата на човековите права и за положбата на жените децата, македонските пратеници ги истакнаа позитивните придобивки од реформските процеси во Република Македонија.

Пратеникот Антонио Милошоски го истакна значењето на Охридскиот рамковен договор, Бадентеровиот принцип на одлучување во Собранието на Република Македонија, како и правото на користење на јазиците на сите етнички заедници, а како пример е областа на медиумите каде секоја етничка заедница има емисии на свој јазик на Државната радио телевизија.

Во дебата за родовата еднаквост, пратеникот Лилјана Поповска ја истакна подобрената положба на жената во политиката и администрацијата, образованието кај жените Ромки, значењето на редовните прегледи за превенција од малигни заболувања и унапредувањето на севкупниот статус на жената како активен општествен чинител.

Во однос на функционалноста на Законот за антидискриминација, пратеникот Лилјана Поповска истакна дека тоа е соодветно решение кое одговара на актуелната ситуација во општеството и претставува чекор напред во севкупните реформски процеси кои се во насока на апрокцимација на македонското со европското законодавство.

Зборувајќи за состојбата со жените и децата во руралните области, пратеникот Хајрије Мисими укажа на потребата од поголема активност на државните институции во подобрувањето на нивната положба, пристап до образованиот процес и редовна здравствена заштита.

Пратеникот Молошоски го истакна значењето на неодамна донесениот Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета, кој ќе придонесе во зајакнувањето на слободата на изразување и положбата на медиумите.

Госпоѓата Лилјана Поповска го поздрави именувањето на г. Ставрос Ламбриминидс за специјален претставник на ЕУ за човекови права и изрази очекување дека неговата работа ќе придонесе за подобрување на човековите права во регионот и дека ќе ја охрабри својата матична земја да ја ратификува Европската конвенција за заштита на малцинските права.

Click