Активности



Сабота, 24 ноември 2012 година

Меѓународна конференција за проектот „Жените во руралниот развој, SEE WoRD"

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република Македонија во соработка со Комисијата за родова еднаквост на Парламентот на Република Хрватска и GTF - Регионален центар за еднаквост на половите, вчера одржаа Меѓународна конференција за проектот „Жените во руралниот развој, SEE WoRD".
 
Конференцијата ја отвори претседателот на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Лилјана Поповска, а со поздравно обраќање на присутните им се обрати потпретседателот на Собранието на Република Македонија,  г-ѓа Светлана Јакимовска.

Копретседавач на конференцијата беше г-ѓа Нанси Тирели, претседател на Комисијата за родова еднаквост на Парламентот на Република Хрватска.

Проектот „Жените во руралниот развој, SEE WoRD“ го презентираше г-ѓа Мери Ен Рукавина Ципетич, извршен директор на ГТФ, по што следеа излагањата на претставниците од седум земји од регионот.

Покрај пратениците на Собранието на Република Македонија, на Конференцијата присуствуваа пратеници од земјите од регионот, претставници на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, претставници на локалните комисии за еднакви можности, на мрежите за рурален развој и мрежите на жени фармерки од земјава и регионот, како и други организации што работат на ова поле.

Од Конференцијата произлегоа следните заклучоци:

1) Постигнати се многу значајни резултати на SEE WoRD проектот во седумте земји учесници од ЈИЕ (Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Косово, Бугарија, Црна  Гора и Србија), преку партнерство на владиниот сектор, парламентите и невладиниот сектор, особено во смисла на:

  • поголемо разбирање за положбата на жените во руралните средини;
  • поголемо разбирање за Лидер-пристапот на ЕУ меѓу институциите и граѓаните;
  • поврзување на повеќе илјади жени во руралниот развој преку седумте национални иницијативи на SEE WoRD;
  • поголема видливост на руралните жени во јавноста;
  • размена на добри пракси;

2) Се основа мрежа на жени во руралниот развој на ЈИЕ со стремеж да премине во сеевропска;

3) Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република Македонија, како и присутните пратеници од парламентите од регионот, даваат целосна поддршка за жените во руралниот развој и се подготвени да учествуваат во сите идни активности на овој план;

4) Присутните ги поттикнуваaт институциите во своите земји, како и НВО-секторот, да работат уште поинтензивно за подобрување на положбата на жените во руралните средини, како и за руралниот развој воопшто;

5) Присутните се согласија да работат на тоа 2013 година да се прогласи за година на руралните жени.

Click