Активности

Петок, 30 ноември 2012 година
 
Oбраќање на претседателот Вељаноски на Конференција „Улогата на политичките партии во изборниот процес“ во организација на Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија

Почитувани колеги пратеници, министри

Почитувани екселенции, дами и господа,

Ниедна модерна демократија не може да се откаже од функционирањето на политичките партии. Ова демократско сидро важи и ќе важи и покрај распространетата наклонетост против политичкото, против партиските караници и против партиско-политичките дејствувања. Тој што сака да се најде над партиите и да каже дека се води само и единствено од „државно-политичките потреби“, тој по правило се лаже и себе си и другите. Таквите, обично своето гледише за политиката го претставуваат како чиста стручност, истовремено обидувајќи се ставовите на другите да ги дискредитираат како „партиска политика“ или „идеолошки“.

Овој надпартиски став е, според познатите зборови на Густав Радбрух, „животната лага на државата на големите“. Сепак, колку тоа и да изгледа противречно, на крајот на денот партиите помагаат да се намалат дилемите на колективната политичка акција во едно општетство. А без нив, или ќе нема дилеми, што не е добро, или ќе ги има премногу што, исто така, не е добро оти тој пат води кон анархичност.

Сериозната улога која им е доверена на политичките партии во современото општество бара од нив и соодветна општествена и државна одговорност. Бара консеквентност во нивното однесување во континуитет, а особено за време на првокласниот политички настан во секое модерно општество - изборите. Конференциите како што е оваа претставуваат корисна можност отворено да се разговара за улогата на политички партии. И тоа, како низ призмата на клучни промотори на демократските вредности, како своевидни мостови меѓу македонските граѓани и институциите, обликувачи на политичката култура, така и како клучни фактори во обезбедувањето на успешен изборен процес во компетитивното македонско општество.

Но, да се потсетиме на фактот дека партиите не се само објект на политичкиот систем, туку се и субјект кој предизвикува промени на тој систем. Политичките партии со политиките и пораките кои ги пласираат како во периодот кој претстои на изборите, така и во самото предизборие директно влијаат на атмосферата за фер и демократски избори. Партиите со својата конструктивност или неконструктивност непосредно влијаат на однесувањето на избирачите. Раководствата на партиите со своите пораки и постапки исцело влијаат на однесувањето на членството и симпатизерите.  

Политичките партии како „говорен канал“ на народот ги преземаат убедувањата и претставите и за парцијалното и за општото, за целите, грижите, желбите и потребите на народот. Во оваа смисла одговорноста која политичките субјекти ја имаат кон македонските граѓани и кон Република Македонија во спроведувањето на фер и демократски изборен процес е недвојбена и е мошне голема. Почитувањето на волјата на народот, почитувањето на изборниот резултат е, исто така, недвојбена, света обврска на секој политички субјект.

Без почитувањето на оваа обврска изборите претставуваат бесцелно трошење на државен кредибилитет и ресурси. Затоа обврската за фер и конструктивно однесување е двојна. И пред и после изборите.

Преку своите дејства партиите се трудат да ги следат своите приоритети, да ги остварат нивните цели и да имаат колку што е можно поголема корист. Сепак, партиската желба и декларираност кон демократско однесување мора да ја надминува желбата да се добијат изборите по секоја цена. Кој сака да ги води луѓето мора и да ги сака и да ги почитува. Довербата како срж, како клучна алка на успешноста на секој сегмент на заедницата и државата како целина, партиите можат да ја стекнат, но и да ја изгубат. А кога еднаш ќе се изгуби, сите добро знаеме дека тешко се враќа. Затоа и програмската дефинираност и прецизност на партиските програми и пораки, отчетноста и јасната одговорност се неизбежни консеквенци кои одат заедно со секој изборен циклус. Во оваа смисла би сакал да сумирам дека реформата и унапредувањето на изборната легислатива треба да оди рака под рака со трансформацијата на свеста и ставовите, а најмногу со однесувањето на партиските субјекти.

Во Република Македонија во изминатиот период се спроведуваше реформа на изборниот систем, кој резултираше со донесување на Изборен законик во кој се опфатени сите изборни циклуси.

Собранието на Република Македонија во континуитет учествува во создавањето на правната рамка која на современ начин ја регулира оваа сфера. Неодамна Собранието го донесе Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик во кој се надградија потребните меѓународни стандарди за спроведување на изборите. Согласно на препораките од Конечниот извештај на набљудувачката мисија на  ОБСЕ/ОДИХР, во Изборниот законик, посебен акцент е ставен на приоритетните препораки во делот на развивање на механизми за заштита кои ќе осигураат доволно одвојување на државните од партиските структури, појаснување и надминување на недостатоците и двосмисленоста на одредени одредби од Изборниот законик и  финансирањето на изборната кампања.

Во оваа насока, покрај Изборниот законик, Собранието на Република Македонија го донесе и Законот за изменување и дополнување на Законот за финансирање на политичките партии, во насока на транспарентност и јавност во финансирање на политичките партии.

Измените произлегоа и од укажувањата во Конечниот извештај на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР од последните парламентарни избори 2011 година, како и препораките на ГРЕКО.

Во оваа прилика,  би сакал да се заблагодарам на континуираните укажувања и успешна соработка со набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР, како и на претставниците на Европската унија и на Соединетите Американски Држави за партнерството и посветеноста во процесот на имплементацијата на што повисоки изборни стандарди во Република Македонија.

Благодарам на вниманието.

 

 
Click