Активности



Среда, 25 јануари 2012 година

Осма седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на вчерашната Осма седница, како матично работно тело ги разгледа:

  1. Предлог-финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2012 година;
  2. Предлогот на одлука за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности за финансирање на работењето  на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2012 година.

Во својство на претставник на предлагачот, на седницата присуствуваше г. Димитар Петров, претседател на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија, кој воедно даде и образложенија.

Тој истакна дека Регулаторната комисија за енергетика извршила мала корекција во делот на непродуктивните расходи, односно прилагодување во делот на трошоците за регресот за годишен одмор. Со корекцијата е извршено намалување на приходната и расходната страна.

Беше истакнато дека истото предизвикало и намалување на процентот, односно надоместокот којшто треба да го плаќаат компаниите кои се носители на лиценци издадени од Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија.

Во образложението беше истакнато дека во финансискиот план се содржани сите приходи и трошоци за работењето на Регулаторната комисија за енергетика.

Во групите на трошоци, во однос на плати и надоместоци, предвидено е зголемување во износ од 1,78% во однос на финансискиот план за 2011 година, од причина што е предвидено бројот на вработените да биде зголемен, односно биде 28 вработени.

Истото ќе предизвика и зголемување на останатите групи на трошоци, како што се придонесите од платите и персоналниот данок, патните трошоци за патување во земјата и во странство.

Транспортните трошоци, потрошените енергии и комунални услуги се проектирани врз основа на реализираното во 2011 година и бележат мало намалување, додека материјалните трошоци, трошоците за амортизација, бележат зголемување од 1,52% во однос на минатата година.

Во групата на трошоци и други договорни услуги, предвидено е мало зголемување и тоа во износ од 1,38% и во делот на основните средства, односно нивна набавка за канцелариски мебел, информатичката опрема и набавка на едно моторно возило имплицира зголемување од 9,12%.

Господин Петров истакна дека во 2012 година во завршна фаза се наоѓа и реализацијата на Договорот за проект вреден 900.000 евра, којшто ќе биде реализиран заедно со консултантската куќа „Тема“, во соработка со Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка и со поддршка на Секторот за европски прашања на Република Македонија.

Предвидено е учеството на Регулаторната Комисија за енергетика да изнесува 250.000 евра, опфаќајки ги репрезентативните трошоци, како и трошоците за сместување во канцелариските простории.

Во финансискиот план, надвор од аналитичкиот преглед на приходите и расходите, нотирани се 80 милиони денари, коишто беа одобрени во минатогодишниот финансиски план, наменети за реализација, односно купување на деловен простор.

Во таа насока, беше истакнато дека Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука за изградба на административна зграда, каде што е потпишан договор со уште шест институции. Сите трошоци, во износ од 55.979.790 денари, треба да бидат реализирани со предвидените приходи од стапка во износ од 0,041% којшто ќе го плаќаат лиценцираните компании од вкупниот приход остварен во претходната година. 

Во своето образложение по Предлогот на Одлука за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2012 година, г. Димитар Петров предложи износот на утврдениот процент на зафаќање, во точката 1, наместо 0,042%, да изнесува 0,041%.

Изнесените мислења, сугестии, забелешки и поставени прашања содржани во Извештајот по Предлог-финансискиот план, се однесуваат и за Предлогот на Одлуката, за кој, поради истоветноста на предложените решенија, се водеше заеднички претрес.

Во расправата учествуваа претседателот на Комисијата за економски прашања, г. Љубисав Иванов-Ѕинго; членовите: г. Николче Ацевски и г. Марјанчо Николов; заменик-членот г. Изет Зеќири и претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, г. Димитар Петров.

Врз основа на расправата, Комисијата за економски прашања, со мнозинство гласови, заклучи да му предложи на Собранието на Република Македонија да го донесе следниот Заклучок:

  1. Собранието на Република Македонија го разгледа и го усвои Финансискиот план на Регулаторната Комисија за енергетика на Република Македонија за 2012 година и ја задолжува Регулаторната комисија за енергетика до Собранието на Република Македонија да достави корегиран финансиски план прилагоден на приходниот и расходниот дел, согласно расправата на седницата на Комисијата;
  2. Овој заклучок, заедно со извештајот на Комисијата за економски прашања да се достави до Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија и до Владата на Република Македонија.

Воедно, Комисијата за економски прашања, со мнозинство гласови, заклучи да му предложи на Собранието на Република Македонија да ја разгледа и да ја донесе Одлуката за утврдување на процентот на зафаќање од вкупниот годишен приход на носителите на лиценци за вршење на енергетски дејности за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија за 2012 година, заедно со предложената измена.

Click