Активности



Четврток, 6 декември 2012 година, Брисел

Подобри меѓусоседски односи преку почитување на европските вредности и принципи

Во рамките на посетата на Брисел од 4 до 6 декември, делегацијата на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, во состав г. Хајрула Мисини, г. Владимир Ѓорчев и г. Гордан Георгиев, реализира средби со бугарските европратеници, г. Кристијан Вигенин (С&Д), г. Андреј Ковачев (ЕПП) и г. Станимир Илчев (АЛДЕ), како и со копретседавачот на Мешовитиот комитет РМ-ЕУ, г. Јорго Шацимаркакис.

На средбите беа разменети мислења за актуелните прашања во врска со претстојниот состанок на Советот на ЕУ, како и на Европскиот совет кои ќе се одржат наредната недела, во светлото на потврдување на препораката на Европската комисија и на Европскиот парламент за добивање на датум за почеток  на преговори со Република Македонија.

Притоа стана збор за начините и можностите да се развиваат во нагорна линија  добрите меѓусоседски односи меѓу Македонија и двете соседни земји-членки на Унијата, во политичка, економска и културна смисла, преку градење на мостови на соработка, пријателство и решавање на отворените прашања, со почитување на европските вредности и принципи.

Беше изразена желба и подготвеност за преземање на активности, секој во својот домен, при што беа предложени конкретни предлози, како на пример отворање на нов граничен премин меѓу Бугарија и Македонија.

Во рамките на  посетата на Брисел, делегацијата учествуваше и на Конференцијата „Балкански прогрес: Надминување на влијанието на кризата", на која се расправаше за  актуелните состојби во земјите од Западен Балкан, видени во светлото на  евроинтегративниот процес во кој се вклучени сите во разни фази, за што излагање имаше и еврокомесарот за проширување, г. Штефан Филе.

Во своето обраќање, тој ја истакна важноста за продолжување на моментумот на процесот на проширување на Унијата и покрај економската криза.

Во однос на Република Македонија, г. Филе го поздрави напредокот во реформите  предвидени во Пристапниот дијалог на високо ниво, при што рече дека билатералниот спор во врска со употребата на уставното име на Македонија треба да се решава во раната фаза на преговорите.

Во врска со излагањето на г. Филе, пратеникот Ѓорчев праша зошто не се почитува правото на еден народ сам да си го одбере името на државата, како и зошто наспроти  прокламираните европски вредности за почитување на принципот на владеењето на правото, ЕУ не ја почитува одлуката на Меѓународниот суд на правдата во врска со  нашиот билатерален спор за името.

На прашањето г. Филе одговори дека не е спорна слободата на избор за име на државата, но дека треба да се имаат предвид и добрососедските односи, за што секој треба да си ја понесе својата одговорност.

Click