Активности

Вторник, 11 декември 2012 година
 
Пратеникот Лилјана Поповска на регионална конференција во Виена

Претседателот на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и член на Претседателството на Клубот на пратенички на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Лилјана Поповска, учествува на дводневна регионална работилница за зајакнување на парламентарните структури за жените-пратеници во регионот на ОБСЕ, која се одржува во Виена, Австрија.

Госпоѓа Поповска на работната сесија имаше свое излагање каде го пренесе искуството и добрите практики од Република Македонија како лидер во регионот за воспоставување и водење на парламентарните структури за жени. Таа  во своето излагање се осврна и на успешниот модел на парламентарните структури кои се основани и во моментов функционираат во Собранието на Република Македонија, во кои работат и делуваат жени-парламентарки од сите партии, со посебен акцент на аспектите на нивната организација, внатрешното  функционирање, соработката со меѓународната заедница, како и дијалог со структурите на локално ниво.

За различните модели на организирање на жените-парламентарки во своите парламенти ќе дискутираат и преставничките од Шведска, Финска, Естонија и Холандија.

Овие дискусии ќе им овозможат на учесниците заинтересирани за воспоставување на ваквите структури да ги артикулираат своите потреби, приоритети и барања и да ја осознаат улогата на ОБСЕ и на другите меѓународни актери во поддршката на жените-парламентарки на национално ниво.

За време на престојот парламентарките ќе имаат средби со претседателот на Парламентот на Австрија, г-ѓа Барбара Прамер,  министерот за прашањата поврзани со жените, г-ѓа Хајниш Хосек и со Комисијата за родова рамноправност на Парламентот на Австрија.
Click