Активности



Вторник, 17 јануари 2012 година

Претставени приоритетите и програмата на Данското претседателство со ЕУ

На 10. седница на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија беа претставени приоритетите и програмата за работата на Претседателството на Кралството Данска со Европската унија во периодот јануари-јуни 2012 година, од страна на амбасадорот на Кралството Данска задолжен за Република Македонија со седиште во Виена, Н.Е.Торбен Брил.

На седницата, покрај заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Арбен Љабеништа, присуствуваа и г. Роберт Лидел, в.д. шефот на Делегацијата на ЕУ во Скопје, членовите и претставниците на Националниот совет за евроинтеграции, Комисијата за надворешна политика, Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ - Република Македонија, амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во Република Македонија, како и медиумите.

Заменик-претседателот Љабеништа во своето излагање го поздрави преземањето на претседавањето на Унијата од страна на Кралството Данска и им посака реализирање на сите поставени цели и приоритети. 

Одговорна, динамична, зелена и безбедна Европа, се четирите главни цели на кои ќе се фокусира Данското претседателство во претстојниот период, посочи амбасадорот Брил.

Данското претседателство и понатаму останува посветено на сите области кои беа спомнати во програмата, особено на агендата за проширување. Неговата улога ќе биде еден вид на координатор на интересите на Европската унија.

Заменик-претседателот, г. Арбен Љабеништа, нагласи дека истите се приоритети и на Република Македонија, како земја-кандидат за зачленување во ЕУ, дека ги поддржуваме овие приоритети и треба да дадеме свој придонес за нивно успешно реализирање. Данското претседателство со ЕУ за Република Македонија е навистина важно, бидејќи евроинтеграцијата останува да биде најсилен кохезивен фактор во македонското мултиетничко општество и претставува консензус не само кај политичките чинители, туку и кај целокупното граѓанство.

На седницата, во расправата учествуваа: г-ѓа Радмила Шеќеринска-Јанковска, претседател на Националниот совет за евроинтеграции; г. Антонио Милошоски, претседател на Комисијата за надворешна политика; пратениците: г. Павле Трајанов, г-ѓа Владанка Авировиќ, г-ѓа Лилјана Поповска, г. Владимир Ѓорчев, како и г. Димитар Мирчев, член на Националниот совет и претставник од Кабинетот на претседателот на Република Македонија.

Click