Активности



Четврток, 1 ноември 2012 година

Процесот на децентрализација во Македонија - пример за Молдавија

Претседателот на Комисијата за локална самоуправа на Собранието на Република Македонија, г. Џеват Адеми и членовите на Комисијата г. Васил Пишев и г. Самка Ибраимоски, остварија средба со Делегација од Република Молдавија, составена од градоначалници и претседатели на совети на регионите.

Гостите, заблагодарувајќи се за укажаната можност за размена на мислења и искуства, покажаа заинтересираност за процесот на децентрализација во нашата земја, начинот за спроведување на одлуките, околу финансирањето на локалните надлежности, за тоа како се поделени надлежностите меѓу локалната и централната власт и сл.

Претседателот на Комисијата, г. Адеми,  ја запозна Молдавската делегација со функционирањето на локалната самоуправа во Македонија, посочувајќи низа примери, со цел да ја доближи практиката.

Тој зборуваше за Законот за рамномерен економски развој, гласањето на законите по Бадинтер, правата на општините гарантирани со закон, за спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, за неотповикливоста на градоначалниците, правата на малцинствата, важноста од прекугранична соработка, потоа за координираноста на Владата, Агенцијата за администрација и ЗЕЛС како добар адвокат на локалната власт.

Господинот Џеват Адеми потенцира дека процесот на децентрализација е процес кој трае и посоветува Молдавија само да ги следи европските упатства, како што тоа го направи Република Македонија, која добива позитивни оценки од Европската комисија и од други меѓународни институции и сега може да послужи за пример.

На крајот, г. Адеми уште еднаш се заблагодари за посетата и покажаната заинтересираност за моделот на децентрализација, притоа истакнувајќи дека Република Македонија во секое време ѝ стои на располагање на Молдавија за помош и соработка.

Click