Активности

Понеделник, 17 септември 2012 година

Процесот на Пристапниот дијалог на високо ниво е успешен

Во рамките на 11. седница на Националниот совет за евроинтеграции, на која учествуваа и Комисијата за европски прашања, Комисијата за надворешна политика и Мешовитиот парламентарен комитет РМ-ЕУ, свое обраќање имаше г. Штефан Филе, комесар за проширување и европска соседска политика на Европската комисија.

На седницата, покрај претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Радмила Шеќеринска, потпретседателот на Националниот совет за евроинтеграции, г-ѓа Силвана Бонева, присуствуваа и вицепремиерот за евроинтеграции на Владата на Република Македонија, г-ѓа Теута Арифи, генералниот директор на Генералниот директорат за проширување на Европската комисија, г. Стефано Санино, шефот на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, г. Аиво Орав, како и г. Андреј Лепавцов, амбасадор на Република Македонија при Европската унија.

Госпоѓа Шеќеринска во своето воведно обраќање со особено задоволство го поздрави присуството на еврокомесарот Штефан Филе, посочувајќи дека во рамките на својата поставеност, Националниот совет за евроинтеграции работеше ефикасно, постигнувајќи консензуална согласност по сите прашања за кои одлучуваше.

Сите досегашни активности на Националниот совет се со една единствена цел - да дадеме значаен придонес во процесот на евроинтеграцијата на државата, конструктивно да придонесеме во остварувањето на стратешкиот интерес на Република Македонија за интегрирање во ЕУ, за која е постигнат широк политички и граѓански консензус, и да ја одржиме големата поддршка на македонските граѓани за членство во Унијата – истакна г-ѓа Шеќеринска, осврнувајќи се на активностите на Советот во рамките на изминатиот период.

Еврокомесарот Филе изрази задоволство од третата рунда посети на Македонија и дискусиите во овој парламентарен дом, кои не се само протоколарни, туку битни дебати, водени од искрените напори од двете страни.

Тој во своето излагање се осврна на сработеното во последните шест месеци, оценувајќи го процесот на исполнување на реформите во пет области во рамките на Пристапниот дијалог на високо ниво за навистина успешен.

Третата рунда е мошне важна по три точки, бидејќи прво дава можност да го разгледаме тоа што сме го постигнале, второ - ќе покаже јасна врска меѓу Извештајот за напредок на Република Македонија 2012 и препораките дадени од Европската комисија и одлуката на земјите-членки на највисоко ниво во рамки на Европскиот совет во декември годинава и трето, денеска за прв пат ќе се разговара и за прашањето за коешто не се разговараше директно во дијалогот на високо ниво, а тоа се добрососедските односи, билатералните односи меѓу вашата земја и вашите соседи - истакна еврокомесарот Филе.

Вицепремиерот за евроинтеграции, г-ѓа Теута Арифи, се заблагодари за поддршката и креативноста која Европската комисија ѝ ја дава на  Македонија, како и за партнерскиот однос на патот за добивање датум за преговори.

Во расправата на седницата, со свои дискусии, сугестии и препораки, учествуваа: г-ѓа Силвана Бонева, г. Александар Николовски, г. Андреј Петров, г. Зијадин Села, г. Тито Петковски и г. Хајрула Мисини, како и г-ѓа Тања Хафнер-Адеми од Граѓанска платформа на Македонија и г. Насер Селмани, претседател на Здружението на новинари на Македонија.

дневен редзаписник

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.