Активности



Среда, 28 ноември 2012 година
 
Претседателот Вељаноски го прими во проштална посета амбасадорот на Република Грција, г-ѓа Александра Пападополу

На средбата, која помина во пријателска атмосфера, беше потенцирано дека двата соседа се упатени на меѓусебна соработка и дека треба да ги решат проблемите кои претставуваат пречка за соработката.

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, изрази жалење што не се остварува соработка на парламентарно ниво, како на највисоко ниво, на ниво на претседатели на парламенти, така и на ниво на пратеници и соодветни комисии.

Тој изрази надеж дека во многу скоро време ќе се пристапи кон воспоставување на парламентарна соработка, потенцирајќи дека парламентарната дипломатија е одличен и сè повеќе користен инструмент за подобрување на соработката, особено меѓу државите кои имаат отворени прашања. Претседателот Вељаноски, изрази надеж и очекување дека на претстојниот самит на Европскиот совет на Европската унија нема да има блокада и дека ќе биде определен датум за почеток на преговорите.

На средбата се изрази очекување дека на Самитот на претседатели на парламенти кој во мај идната година треба да се одржи во Република Македонија, во рамките на Процесот на соработка во Југоисточна Европа, со кој претседава Република Македонија, ќе дојде до средба меѓу двата претседатели на парламенти, г. Вељаноски и г. Меимаракис.

Амбасадорот Пападополу, која е речиси шест години во Република Македонија, потенцираше дека меѓу граѓаните на двата народа, како и меѓу бизнисмените, не постојат пречки во комуникациите и соработката. Напротив, соработката и посетите во меѓуграничните области меѓу граѓаните и бизнисмените е интензивна и заемна, која и во критичните, во економска смисла 2009 и 2010 година не сопрела.

Претседателот Вељаноски посака стабилизирање на економската состојба во Грција и понатамошни инвестиции и заемна соработка на полето на економијата и бизнисот.

Двете страни се согласија дека оваа соработка практично е одлична основа и пример за потребната соработка на политичко ниво. 

Новиот амбасадор на Република Грција во Република Македонија се очекува должноста да ја преземе на почетокот на јануари 2013 година. 

Click