Активности



Четврток, 2 февруари 2012 година

Работилница за пратениците за предизвиците на националните парламенти во процесот на пристапување во ЕУ

Пратеници од разни политички партии учествуваа на работилницата организирана од ИПА-ТПП проектот (Техничка помош на Парламентот), на тема: „Предизвиците на националните Парламенти во процесот на пристапување во ЕУ“ (искуства на новите земји членки на ЕУ).

Целта на работилницата беше да им се дадат на пратениците општи информации за клучните предизвици и задачите на националните парламенти за време на процесот на пристапување во Европската унија. Работилницата, која се одржа во салата „Борис Трајковски“ во Собранието на Република Македонија, беше особено насочена кон пратениците кои се членови на Комисиите за европски прашања, за надворешни работи, Националниот совет за евроинтеграции и Мешовитиот парламентарен комитет (Европска унија-Република Македонија).

Д-р Питер Шарди (раководител на канцеларијата за надворешни врски – Унгарски национален парламент) и г. Илмарс Солимс (раководител на Секретаријатот, виш советник во Комисијата за европски прашања, Летонски парламент), направија краток преглед на задачите на националните парламенти за време на процесот на пристапување во ЕУ.

Тие, исто така, презентираа и искуства во форма на студии на случај од Унгарскиот и Летонскиот парламент за време на нивниот пат до членството во ЕУ.

ИПА проектот „Техничка помош за Парламентот“, финансиран од ЕУ, почна со работа во Собранието во јануари 2011 година и ќе трае до јули 2012 година.

Проектот се состои од три главни компоненти:

  1. подобрување на техничката поддршка на собраниските работни тела;
  2. подобрување на капацитетот за подготовка на аналитички извештаи до пратениците на теми поврзани со ЕУ (ќе се работи со Парламентарниот институт за кој се очекува да почне со работа);
  3. подобрување на пристапот до и обезбедување на информации, за пратениците и за вработените во службата на Собранието, особено имајќи ја предвид агендата за пристапување во ЕУ и овозможување на подобар пристап на јавноста до информации. 
Click