Активности



Вторник, 24 јануари 2012 година

Словачка со безрезервна поддршка за Македонија на патот кон ЕУ

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Светлана Јакимовска, Пратеничката група за соработка со Парламентот на Словачката Република и Комисијата за труд и социјална политика на Собранието на Република Македонија, остварија средба со заменик-претседателот на Владата и министер за труд и социјални прашања и семејство на Република Словачка, г. Јозеф Михал.

Потпретседателот Јакимовска на средбата истакна дека е потребно да се интензивира соработката меѓу двата парламента и поголема размена на искуства. Притоа, таа истакна дека е уверена оти ќе продолжи поддршката на Словачка на патот на Македонија кон ЕУ и НАТО.

Исто така, таа ги запозна гостите со напредокот кој е постигнат во Собранието на Република Македонија, особено од 2006 година. Донесен е нов деловник за работа, воведен е Е-парламент, донесен е Закон за собрание со кој се воведени редовни координации кои ги води претседателот на Собранието, а на кои присуствуваат тројцата потпретседатели на Собранието и сите координатори на пратеничките групи.

Заменик-претседателот на Владата и министер за труд и социјални прашања и семејство на Република Словачка, г. Јозеф Михал, истакна дека со оваа посета се потврдуваат и зацврстуваат добрите односи меѓу двете држави. Тој потенцира дека Словачка ја поддржува Македонија да стане членка на ЕУ и НАТО и дека Западен Балкан е долгорочен приоритет на Словачка.

Тој изрази надеж дека пречките кои постојат ќе се надминат наскоро и Република Македонија ќе ги почне претпристапните преговори, а Словачка ги нуди своите искуства за да ѝ помогне во тоа цел. Приспособувањето на ЕУ легислативата на локалните услови е долг процес и тука искуството на Словачка ќе биде од помош.

„Граѓаните треба да сфатат дека определени реформи се нужни за да може државата да оди напред и тука парламентот е многу битен, и ние ќе ве поддржиме во вашите напори“, истакна заменик-претседателот на Владата и министер за труд и социјални прашања и семејство на Република Словачка, г. Јозеф Михал.

Господин Јозеф Михаил оствари средба и со членовите на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Словачката Република : г-ѓа Светлана Карапетрова, г-ѓа Сузана Анова, г-ѓа Хајрие Мисими, г. Ердоган Сарач,  г-ѓа Дивна Јовковска-Ефтимоска и г-ѓа Нада Чипушева.

Заменик-претседателот, г. Јозеф Михал, посочи дека целта на оваа средба е да се потврдат пријателските односи кои ги имаат двете земји и изрази поддршка за Македонија на патот кон интеграцијата во ЕУ и НАТО, што не е само цел на Словачка, туку и на сите останати земји, целиот Балкан да биде дел од ЕУ, тоа е од интерес на мирот, прогресот и безбедноста на целиот регион.

Соработката помеѓу пратеничките групи треба и понатаму да продолжи, парламентот работи со цел доближување на Македонија до ЕУ, Владата носи низа мерки за намалување на стапката на невработеност со цел подобрување на животниот стандард на граѓаните, Македонија и по трет пат доби препорака за членство во ЕУ, но и понатаму останува проблем нерешениот спор со Грција, истакна г-ѓа Светлана Карапетрова.

За време на средбата со Комисијата за труд и социјална политика на Собранието на Република Македонија, претседателот на истата, г-ѓа Цветанка Иванова, изразувајќи задоволство од посетата, накусо ги запозна гостите со работата и надлежностите на Комисијата и ја истакна добрата соработка со македонското Министерство за труд и социјална политика.

Македонските пратеници беа едногласни во тоа дека словачките искуства би биле многу корисни за нашата земја.

Господин Јозеф Микал, запознавајќи ги присутните со работата на Парламентот на Република Словачка и воопшто со стандардите на неговата земја, ја истакна големата потреба од: намалување на невработеноста, добра семејна политика, поддршка на младите семејства и квалитетно образование.

Словачкиот заменик-премиер, истакнувајќи ја важноста на оваа Комисија, додаде дека таа опфаќа многу теми, кои не бараат политика, туку најдобро решение за луѓето.

Click