Активности


Понеделник, 3 декември 2012 година

Средба на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство со проф. д-р Емил Ерјавец

Како добар познавач на состојбите во земјоделството во Европа и Македонија, проф. д-р Емил Ерјавец од Словенија, на средбата со Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство, преку низа примери, споредбени анализи и статистички податоци, даде практични совети кои би ѝ помогнале на нашата земја.     

На средбата присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, г. Љупчо Димовски, г-ѓа Мери Цуцулоска од Канцеларијата на УСАИД, како и претставниците од Канцеларијата на Аг Биз, г. Васко Хаџиевски и г. Горан Дамовски.

Во воведното излагање, претседателот на Комисијата, г-ѓа Ленче Николовска, заблагодарувајќи се за посетата, укажа на областите кои ги покрива Комисијата, притоа потенцирајќи дека состојбата во македонското земјоделство треба да се издигне над партиската определеност.

Во своето предавање, проф. Ерјавец истакна дека со оглед на тоа што Македонија е земја-кандидат за членство во Европската унија, процесот на интеграција веќе ги пренесува Заедничките земјоделски политики (ЗЗП) во македонското земјоделство, што значи промена на вредности, методи и институции, како и модернизација на домашната земјоделска политика.

Бидејќи во моментов ЕУ ги завршува преговорите за нова реформа на ЗЗП, проф. Ерјавец се осврна на тоа што значи ова за земјоделството во Македонија и за земјоделската политика.

Тој, пренесувајќи ги своите ставови и искуства, се фокусира на четири сегменти: задачите и процесот на преговори – институционална рамка во земјоделството; развој на ЗЗП; политиката на ЕУ за македонското земјоделство по сегашната реформа на ЗЗП и препораки за изготвување на земјоделска политика во Македонија.

Се разви дебата за проблемите со кои се соочува македонското земјоделство, како лошата механизација, проблемите во администрацијата и тешкотиите во имплементацијата. Беше речено и дека треба што повеќе да се искористат средствата од европските фондови, но тоа во голем дел зависи и од Европската комисија.

Одговарајќи на повеќе прашања, проф. Ерјавец, меѓу другото, истакна дека е од големо значење да се состави група од стручни луѓе кои ќе ја следат ситуацијата, ќе собираат податоци и ќе соработуваат со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, но од клучно значење е таа група да биде постојана.

Потребата од развивање на аграрна дипломатија е од голема важност. Тој тим треба да умее да добие информации и да ги пренесе, како и да биде во секојдневна комуникација со сите инволвирани.

На крајот, Комисијата  за земјоделство, шумарство и водостопанство изрази задоволство од можноста за остварување на ваков вид средба и благодарност за излагањето на проф. д-р Емил Ерјавец.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.