Активности



Вторник, 10 јануари 2012 година

Средба на претседателот Вељаноски со претседателот на Собранието на Република Косово, г. Јакуп Красниќи

Делегација на Собранието на Република Македонија предводена од претседателот г. Трајко Вељаноски, а во која се и потпретседателот г. Јани Макрадули и пратениците г. Талат Џафери и г-ѓа Светлана Карапетрова, денеска се во официјална посета на Косово.

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, на средбата со претседателот на Собранието на Република Косово, г. Јакуп Красниќи, истакна дека целокупните билатерални односи меѓу двете држави одат во нагорна линија кои се од заемен интерес со придонес на целокупната стабилност во регионот.

Потсетувајќи дека Република Македонија меѓу првите ја призна независноста на Косово, „наша определба и константа во надворешната политика се високо развиените односи со сите наши соседи“, истакна Вељаноски. „Тоа е и европски принцип, а ние сите во регионот се определивме за евроатланските интеграции, затоа ние ја подржуваме целовитоста на Косово, со целосно почитување на индивидуалните и колективните права“, додаде претседателот Вељаноски.

Имајќи предвид дека ова е прва средба на ниво на претседатели на парламенти, претседателот Вељаноски истакна дека таа ќе даде позитивен импулс во натамошниот развој на целокупните односи, посебно на соработката помеѓу двата парламенти. Македонското собрание е подготвено со своите колеги од Косовското собрание да ги сподели сите искуства како во процесот на евроинтеграциите, така и на градење на ефикасни и функционални институции.

Претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски, се задржа и на положбата на македонското малцинство кое живее во регионот Гора во Република Косово, потсетувајќи дека тие и од меѓународниот фактор се признати како посебна етничка заедница на која мајчин јазик ѝ е македонскиот. 

„Јас се надевам дека нивниот статус ќе биде решен според европските принципи со што ќе им се овозможи да го зачуваат и развиваат својот етнички, јазичен и културен идентитет“, истакна претседателот Вељаноски.

Во врска со економската соработка, претседателот Вељаноски истакна дека Косово за Македонија е значаен трговски партнер. Во иднина таа соработка треба да добие поразвиена форма, како што се заедничките инвестиции, како и во другите сегменти од економијата, особено на полето на енергетиката и транспортот.

Претседателот на Собранието на Република Косово, г. Јакуп Красниќи, изрази задоволство од денешната средба, и исто така ги истакна високо развиените политички и економски односи.

„Македонија има доста направено во процесот на евроинтеграциите и затоа со задоволство го прифаќаме предлогот да ги споделиме искуствата на Република Македонија во овие процеси, бидејќи тоа е значајно за нас и целиот регион“, истакна претседателот Красниќи.

Тој додаде дека наскоро во Косовското собрание ќе биде формирана парламентарна група за соработка со Собранието на Република Македонија, што секако ќе претставува поттик и нов квалитет во заемните односи.

Click