Активности



Среда, 11 јануари 2012 година

Средба на претседателот Вељаноски со Турско-македонската меѓупарламентарна група за пријателство на Големото национално собрание на Република Турција

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, на денешната средба со Турско-македонската меѓупарламентарна група за пријателство, го истакна континуитетот на високо развиените односи меѓу двете држави, како во сферата на политичките односи, така и на полето на економската соработка.

„Особено сакам да ја изразам благодарноста која Република Турција ја дава на нашата држава во процесот на интеграцијата во НАТО и Европската унија. Убеден сум дека и во иднина, а особено во периодот пред претстојниот Самит на НАТО во Чикаго, каде што со право очекуваме да станеме полноправна членка, Република Турција, како наш вистински пријател, ќе продолжи со оваа принципиелна и силна  поддршка“, истакна претседателот Вељаноски.

Во разговорите стана збор и за економската соработка која оди во нагорна линија.

Претседателот на Собранието, г. Трајко Вељаноски, ја истакна улогата на турската етничка заедница кај нас, која секогаш изразува максимална лојалност, а во исто време претставува и мост во билатералните односи меѓу двете пријателски држави.

Претседателот на Меѓупарламентарната група за пријателство на Големото народно собрание на Република Турција, г. Хусејин Бурге, пренесувајќи поздрави од страна на претседателот на Големото национално собрание, г. Џемаил Чичак, истакна дека за Турција високо развиените односи со Република Македонија се многу значајни.

Поддршката од Република Турција на Република Македонија, и како парламент, но и од страна на другите државни институции, ќе продолжи, бидејќи Република Македонија е значаен фактор на стабилност во регионот и пошироко.

„Убеден сум дека и оваа година нашите билатерални односи ќе продолжат да се развиваат во сите сфери на нашата соработка, а се надевам дека на полето на економската соработка оваа година таа ќе достигне над една милијарда долари, како што навести премерот на Република Турција, г. Реџеп Таип Ердоган“, истакна  г. Бурге.

Click