Активности

Вторник, 24 јануари 2012 година, Стразбур

Македонија очекува почитување на одлуката на Судот и покана за членство во НАТО
 
Во рамките на редовната јануарска сесија на Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПС на СЕ) во Стразбур, пратеникот Александар Николоски, во својство на шеф на македонската делегација, имаше обраќање по повод одлуката на Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Обраќањето е значајно зашто во ПС на СЕ членуваат 636 пратеници (318 членови и 318 заменици) од националните парламенти на 47 земји- членки на Советот на Европа.

Пратеникот Николоски го информираше ПС на СЕ за одлуката на Меѓународниот суд на правдата по однос на тужбата поднесена од Република Македонија за непочитување на Времената спогодба од страна на Грција и блокадата за членство во НАТО во април 2008 година. Тој нагласи дека Судот го прифати аргументот на Република Македонија дека Грција го прекршила членот 11 ставот 1 од Времената спогодба од 1995 година, со блокирањето на членството во НАТО што значи дека правно Грција не смее да го попречува членството во НАТО, исто така информирајќи за мислењето на Судот дека заради истата причина Грција го блокира и процесот на приближување на Република Македонија кон ЕУ.

Пратеникот Николоски истакна дека и покрај ваквата одлука на Судот Грција не покажува намери за решавање на спорот и почитување на одлуката на Судот. Подвече дека Грција ја одби последната иницијатива на специјалниот пратеник на Генералниот секретар на ООН, г. Метју Нимиц за средби со двете страни со цел наоѓање решение на спорот. Исто така, г. Николоски информираше дека на самитот на НАТО во Чикаго, во мај годинава, Македонија очекува почитување на одлуката на Судот и покана за членство во НАТО. Повика на поддршка од страна на пратениците во ПС на СЕ нагласувајќи дека одлуките на Судот досега редовно биле почитувани како гаранција на меѓународниот поредок и меѓународното право.


Click