Активности



Среда, 1 февруари 2012 година

Трета седница на Комитетот за односи меѓу заедниците

Комитетот за односи меѓу заедниците денеска ја одржа Третата седница со дневен ред „Актуелната состојба во светлина на последните настани и нивното влијание врз меѓуетничките и меѓурелигиските односи во Република Македонија".

Покрај претседателот и членовите на Комитетот, на седницата присуствуваа народниот правобранител, претставник на Македонската православна црква, на Исламската верска заедница, на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, претставници на Амбасадата на САД во Скопје, Амбасадата на Кралството на Велика Британија и Ирска во Скопје, на Француската амбасада во Скопје, на Амбасадата на Кралството на Холандија во Скопје, на Амбасадата на Република Бугарија, на Амбасадата на Република Италија, Амбасадата на Република Албанија, Амбасадата на Република Косово, претставници на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, претставници на Mисијата на ОБСЕ во Скопје, претставници на УНДП, Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, на Здружението на новинари на Македонија, Агенцијата за млади и спорт, ЗЕЛС, градоначалникот на општина Струга и градоначалникот на општина Вевчани и пратеници.

Врз основа на расправата, Комитетот за односи меѓу заедниците ги усвои следниве Заклучоци:

1. Mеѓуетничките, меѓуконфесионалните, меѓукултурните и општочовечките односи треба да се градат во духот на заемното почитување и во согласност со принципите и нормите на уставно-правниот поредок на Република Македонија;

2. Осудувајќи ги сите манифестации на загрозување на довербата, повикуваме на одговорност и разум од страна на верските заедници, локалната самоуправа, политичките партии, цивилното општество и граѓаните;

3. Комитетот за односи меѓу заедниците ги повикува:

  • централните власти да продолжат да демонстрираат безрезервна посветеност во насока на натамошно зацврстување на меѓуетничките и меѓуверските односи,
  • локалните власти да ги поттикнуваат меѓусебниот дијалог и соработка,
  • медиумите да придонесат со својот однос како дел од целокупните напори за смирување на приликите,
  • невладиниот сектор да биде силен партнер во активностите и проектите за јакнење на довербата,
  • верските заедници да продолжат да ги негуваат вредностите на толеранција, разбирање и почит меѓу луѓето;

4. Комитетот за односи меѓу заедниците, како одговорен орган за негување на меѓуетничкиот дијалог, изразувајќи целосна верба во институциите на системот, се залага истиот да се води единствено во рамките на истите;

5. Културните и спортските активности не смеат да се користат како изговор за поттикнување на недоверба и меѓусебно непочитување меѓу граѓаните. Комитетот ги осудува сите акти на сквернавење на верските објекти;

6. Иднината на Република Македонија е во насока на целосно интегрирање во НАТО и во Европската унија, при што значаен предуслов во оваа насока е натамошното градење на довербата и позитивната атмосфера во меѓусебните односи на граѓаните;

7. Овие заклучоци да се достават до претседателот на Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи, Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, Министерството за правда, народниот правобранител, Македонската православна црква, Исламската верска заедница, градоначалникот на општината Струга и градоначалникот на општината Вевчани, Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи и ЗЕЛС.

Click