Активности

Вторник, 27 ноември 2012 година

ЗАЕДНИЧКА СЕДНИЦА НА НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ И КОМИСИЈАТА ЗА ЕВРОПСКИ ПРАШАЊА

Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, на 26 ноември 2012 година, ја одржаа Осмата заедничка седница посветена на Информацијата за статусот на реализација на Инструментот за претпристапна помош на ЕУ (ИПА) за Република Македонија, доставена од Секретаријатот за европски прашања.

На заедничката седница присуствуваа: г. Мартин Клауке, раководител на Оддел за оперативни работи и г-ѓа Катерина Кус-Иванова Филкова од Делегацијата на ЕУ во Република Македонија, г. Алесандро Фракасети, заменик постојан претставник на УНДП во Република Македонија.

Заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија задолжена за европски прашања,  г-ѓа Теута Арифи, информираше за тековната состојба во врска со Инструментот за претпристапна помош на ЕУ (ИПА) во Република Македонија.

Госпоѓа Арифи истакна дека е постигнат значителен прогрес во искористувањето на средствата од ИПА. Европските фондови се користат за поддршка на евроинтеграциите на земјата пред нејзиното зачленување во Унијата. Европските фондови се предвидени за создавање на соодветни структури и воспоставување на институционални капацитети во претпристапниот период и за подготовка на земјата да се соочи со предизвиците во користењето на структурните и кохезионите фондови што ќе бидат на располагање како идна земја-членка на ЕУ. Направени се исклучителни напори за формирање на оперативна и функционална структура за менаџирање и децентрализирано управување со фондовите на ЕУ, структурата брои 590 државни службеници и е успешно акредитирана.

На седницата на меѓуресорскиот комитет за првата ИПА компонента - помош за транзиција и институционална надградба, биле дадени позитивни оценки за постигнатиот прогрес за реализација на програмираните проекти. Имено, се работи за 100 програмирани проекти со алокација од 2007 до 2013 година во износ од 243 милиони евра. Во оваа компонената најголем дел од средствата се однесуваат на поддршка на проектите за судството, администрацијата, законската рамка за инвестиции, медиумите и невладиниот сектор. Во изминатата година направени се напори за реализација на низа ИПА проекти за економски и социјален развој.

Во втората ИПА компонента за прекугранична соработка, зголемен е бројот на усвоени апликации за проекти од невладиниот сектор и општините, 148 проекти со Албанија, Бугарија, Грција, Србија и транснационалната програма. Во однос на активностите за регионален развој, се очекува почеток на проект за доизградба на Коридорот 10, за кој вкупниот обем на инвестиции ќе достигне 250 милиони евра.

Во однос на четвртатата ИПА компонета за развој на човечки ресурси, се укажува на потребата од поголемо внимание. Во моментот се спроведуваат 20 проекти во вредност од околу 16 милиони евра од првата финансиска алокација од 2007- 2009 година. Оваа компонента обезбедува поддршка за спроведување на политиките и програмите за вработување и активните мерки на пазарот на трудот, за реформи во стручното образование и доживотно учење, социјално вклучување на ранливите групи и јакнење на капацитетите за спроведување на политиките, како на централно, така и локално ниво.

Остварен е напредок во користењето на програмата за рурален развој, реализирани се повеќе повици за проекти. Одобрени се 151 апликација од земјоделци, претпријатија од прехрамбената индустрија во износ од 7,5 милиони евра. Со оваа програма се финансира зајакнувањето на индивидуалните земјоделци и прехрамбената индустрија, но во исто време овие средства помагаат и за развивање на нови софистицирани методи во земјоделството.

Во рамките на Секретаријатот за европски прашања, зајакнат е Центарот за обуки и истиот спроведува континуирани обуки и семинари, не само за администрацијата, туку и пошироко.

Дополнителни активности на кои треба да се посвети внимание се измените на правната рамка во областите: регионална политика,  буџетското планирање, измените во институционалната поставеност и зајакнување на системот и едукацијата и проценка за успешност.

Со цел да се постигне успешност на процесот на искористување на средствата од ИПА фондовите, потребна е поддршка и од Собранието на Република Македонија.

Во оваа насока, во процесот на донесување на позначајни закони, во текот на расправата во комисиите и на пленарните сесии, да се даде придонес и интерес за влијанието на новите решенија врз ефикасното и ефективното спроведување на ЕУ помошта, да се поставуваат прашања до Владата на Република Македонија колку средства се издвојуваат за подобра екипираност на националните ИПА структури и за обемот на обезбедени средства за национално кофинансирање. Значајно е да се одржува редовна партнерска соработка со институциите на ЕУ, особено и со Европскиот парламент каде сè повеќе се покажува интерес и се водат дебати за успешноста на ЕУ помошта.

Пред членовите и претставниците на Националниот совет за евроинтеграции и членовите на Комисијата за европски прашања, д-р Мојмир Мрак, експерт од Република Словенија, одржа презентација за фискалните аспекти на процесот за пристапување кон ЕУ, со посебен акцент врз искуствата во користењето на претпристапните фондови.

Во расправата на седницата, со свои дискусии, сугестии и препораки, учествуваа: г-ѓа Радмила Шекеринска, претседател на Советот; г-ѓа Силвана Бонева, потпретседател на Советот; г-ѓа Маринела Тушева, член на Комисијата за европски прашања; г-ѓа Тања Хафнер-Адеми, претставник на Граѓанската платформа на Македонија и г. Живко Митревски од Сојузот на синдикати на Македонија.

дневен редзаписник

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.