Активности

Вторник, 31 јули 2012 година

ЗАЕДНИЧКА СЕДНИЦА НА НАЦИОНАЛНИОТ СОВЕТ ЗА ЕВРОИНТЕГРАЦИИ И КОМИСИЈАТА ЗА ЕВРОПСКИ ПРАШАЊА

Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, денес ја одржаа шестата заедничка седница посветена на Извештајот на Владата на Република Македонија до Европската комисија за статусот на реализација на активностите од Патоказот за реализација на приоритетните цели усвоени на Пристапниот дијалог на високо ниво.

На заедничката седница на Советот и Комисијата за европски прашања присуствуваа: Н.Е. г. Аиво Орав, шеф на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, Н.Е. г. Кристофер Ивон, амбасадор на Обединетото Кралство во Република Македонија, Н.Е. г. Гудрун Штајнекер, амбасадор на Република Германија во Република Македонија, Н.Е. г-ѓа Марта Прзениосло, заменик шеф на мисија, амбасада на Република Полска во Република Македонија, Н.Е. г. Милан Фишер, заменик шеф на мисија, амбасада на Република Чешка во Република Македонија, Н.Е. г-ѓа Ештер Мартин, заменик шеф на мисија, Амбасада на Кралство Шпанија во Република Македонија, Н.Е. г-ѓа Карен Рошет, заменик шеф на мисија, амбасада на Република Франција во Република Македонија, г-ѓа Вања Андреева, амбасада на Република Бугарија во Република Македонија, г-ѓа Арлинда Идризи, амбасада на Кралството Холандија во Република Македонија и г-ѓа Марина Курте, советник за европска интеграција и правни прашања во Делегацијата на Европската унија во Република Македонија.

Извештајот на Владата на Република Македонија до Европската комисија за статусот на реализација на активностите од Патоказот за реализација на приоритетните цели усвоени на Пристапниот дијалог на високо ниво, беше презентиран од г-ѓа Теута Арифи, заменик на претседателот на Владата на Република Македонија, задолжена за европски прашања.
Госпоѓа Арифи истакна дека Извештајот за реализација на активностите од Патоказот произлегува како обврска согласно заклучоците од вториот состанок на Пристапниот дијалог на високо ниво. Во извештајот е даден преглед на степенот на реализација на конкретните активности предвидени во Патоказот преземени од страна на Владата на Република Македонија во договорените клучни пет приоритетни области: слобода на изразување и професионални стандарди, владеење на правото, реформа на јавната администрација, реформа на изборите и зајакнување на пазарната економија.

Co цел следење на напредокот во реализацијата на активностите од петте приоритетни области, г-ѓа Арифи информираше дека во периодот на 30 и 31 мај 2012 година од страна на Европската комисија е спроведена техничка мисија, со цел да се направи пресек, на реализацијата и статусот на имплементација на планираните мерки од Патоказот.

По однос на првиот приоритет, слобода на изразување и професионални стандарди, г-ѓа Арифи информираше за постигнатиот договор по однос на декриминализацијата на клеветата и навредата, како и за висината на нематеријална штета. Изготвен е Предлог-закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета и доставен на мислење до Советот на Европа. Во текот на минатата седмица мислењето од Советот на Европа е доставено до Владата на Република Македонија.

Во однос на примената на член 10 од ЕПЧП за сите судии што водат случаи на клевета континуирано се спроведуваат обуки и извршен е избор на вкупно 70 пресуди на ЕСЧП кои се однесуваат на членот 10, за превод на македонски јазик, а за 24 од нив преводот е веќе реализиран.

Во однос на владеењето на правото и фундаменталните права, информираше дека согласно досегашните податоци постигнат е напредок во однос на намалување на заостатокот на предмети, додека приливот на нови предмети е целосно совладан. Исто така постигнат е напредок во однос на јакнење на капацитетите на основното јавно обвинителство и реализиран е навремен прием на кандидати во Академијата за судии и јавни обвинители.

Госпоѓа Арифи истакна дека е изготвен Извештај за реализација на Охридскиот рамковен договор, и доставен до Европската унија, истиот содржи квантитативни показатели за неговото спроведување во однос на етничката застапеност, децентрализицијата и употребата на јазиците во Република Македонија.

Во однос на реформата на јавната администрација, г-ѓа Арифи информираше дека со донесувањето на нов закон за администрација ќе се спои правната рамка за државните и јавните службеници, со што ќе се надминат одредени проблеми од сегашната фрагментација на оваа регулатива, а ќе се внесат и одредени новини за подобрување на системот на администрација. Планирано е донесување на нов Закон за општа управна постапка, согласно забелешките добиени од Сигма, во контекст на унапредување на регулативата во насока на креирање граѓански ориентирана јавна администрација.

За четвртиот приоритет, кој се однесува на реформата на изборите, г-ѓа Арифи истакна дека изготвени се работни верзии на измените на Изборниот законик и Законот за финансирање на политички партии и дека истовремено се работи и на ревизија на избирачкиот список. Процесот се води во широка консултативна форма преку вклучување на политичките партии, невладиниот сектор и меѓународната заедница во воспоставените работни групи за измена на изборното законодавство и ревизија на избирачкиот список, како и во Управувачкиот комитет формиран за адресирање на препораките од конечниот извештај на ОБСЕ/ОДИХР за спроведените парламентарни избори во јуни 2011 година.

По однос на петтиот приоритет зајакнување на пазарната економија, преземени се активности во насока на подобрување на пазарот на труд и образованието, со фокус на младите, подобрување на бизнис средината и зајакнување на креирањето на економската политика и нејзино спроведување.

Г-ѓа Арифи, на крајот од своето излагање, информираше за одржаниот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација, на кој исклучително високо оценети се приоритетите од Патоказот.

Во расправата на седницата, со свои дискусии, сугестии и препораки, учествуваа:г-ѓа Радмила Шекеринска претседател на Советот, г-ѓа Силвана Бонева потпретседател на Советот, г. Хајрула Мисини претседател на Комисијата за европски прашања и член на Советот, г. Антонио Милошоски, г. Кенан Хасипи, г. Гордан Георгиев пратеници и членови на Советот, г. Јани Макрадули пратеник и член на Комисијата за европски прашања, г. Зиадин Села и г. Павле Трајанов, пратеници и членови на Комисијата за европски прашања и г. Антони Пешев претставник од Стопанска комора на Македонија.

дневен редзаписник

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.