Соопштенија



Вторник, 10 јануари 2012 година

Јавна расправа на тема: Превенција од рак на грлото на матката - македонско и европско искуство

Во организација на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република Македонија, во соработка со Здружението за борба против рак „Борка“ и Европската асоцијација за борба против рак на грлото на матката, чиј полноправен член е македонското здружение, на 25 јануари 2012 година во 10,00 часот, во салата „Борис Трајковски“ во Собранието на Република Македонија, ќе се одржи јавна расправа на тема: Превенција од рак на грлото на матката - македонско и европско искуство.

Јавната расправа е посветена на Европската недела за борба против рак на грлото на матката 2012, во рамките на глобалната акција „Бисер на мудроста“. Таа претставува продолжување на активностите на Комисијата на оваа тема, како еден од нејзините приоритети.

На јавната расправа ќе бидат претставени македонското и европските искуства во борбата против ракот на грлото на матката, со цел да се направи споредба и дополнително да се унапреди нашиот систем на превенција, преку организирани гинеколошки прегледи и ПАП-тестови, како и преку ХПВ-вакцини.

Покрај членовите и заменик-членовите на Комисијата, на јавната расправа се поканети сите пратеници од Собранието на Република Македонија, претставници на Министерството за здравство, претставници од локалните комисии за еднакви можности на жените и мажите од општините, Лекарската комора на Република Македонија, здруженијата на гинеколози од јавниот и приватниот сектор, Македонското женско лоби, Центарот за регионални истражувања и соработка „Студиорум“, Организацијата на жени од Свети Николе и другите невладини организации што работат на ова поле, СЗО, УНФПА, UN Women, УНДП, УНИЦЕФ, ОБСЕ и Европската комисија.

Програма:

10,00-10,15 - поздравни обраќања

  • г-ѓа Лилјана Поповска, претседател на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите;
  • г-ѓа Биба Додева, претседател на Здружението за борба против рак „Борка“;
  • г. Никола Тодоров, министер за здравство на Република Македонија

10,15-10,45 - воведни излагања

  • г-ѓа Јованка Поповска, раководител на Секторот за превенција во Министерството за здравство на Република Македонија;
  • г. Филип Дејвис, генерален директор на Европската асоцијација за борба против рак на грлото на матката

10,45-11,30 - дискусија

Click