Соопштенија

Среда, 4 јули 2012 година
 
Учество на собраниска делегација на 21. Годишна сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ
 
Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на ОБСЕ во состав: г-ѓа Ана Павловска Данева, шеф на делегацијата, г. Владимир Ѓорчев и г. Зиадин Села, членови на делегацијата, ќе учествува на 21. Годишна сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), што ќе се одржи од 4 до 9 јули 2012 година во Монако.

На сесијата, чија главна тема за дискусија е: „ОБСЕ - регион на промени“ се очекува учество на повеќе од 270 пратеници од 50 парламенти-членки на ПС на ОБСЕ. Во рамките на годишната сесија ќе се одржат седници на трите комисии на Парламентарното собрание на ОБСЕ: Комисијата за политички прашања и безбедност, Комисијата за економски прашања, наука, технологија и човекова околина и Комисијата за  демократија, човекови права и хуманитарни прашања, седница на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на ОБСЕ, пленарна седница и Медитерански форум.

Се очекува на годишната сесија да се обратат г. Жан-Франсоа Робијон, претседател на Националниот совет (парламентот) на Монако, г. Мишел Роже, премиер на Монако, г. Еамон Гилмор, министер за надворешни работи и трговија на Ирска и претседавач со ОБСЕ, г. Жан-Клод Мињон, претседател на Парламентарното собрание на Советот на Европа и г. Ламберто Заниер, генерален секретар на ОБСЕ.

Членовите на Парламентарното собрание на ОБСЕ ќе дебатираат и по 28 дополнителни точки на теми како што се: зацврстување на безбедноста во регионот на ОБСЕ, економското закрепнување, воената соработка, демократијата во арапските земји, почитувањето на човековите права, особено во Белорусија, Русија и Украина, состојбата во Молдавија и Грузија, нуклеарната програма на Иран, соработката на ОБСЕ со Авганистан, глобалната безбедност на храната, користењето на нови и обновливи енергии и сл.

Господинот Владимир Ѓорчев ќе ја презентира предлог-резолуцијата на тема: „Заштита на ранливото население од нелегалната трговија со луѓе“, поднесена од конгресменот г. Кристофер Смит, шеф на делегацијата на САД во Парламентарното собрание на ОБСЕ.

На седницата на Медитеранскиот форум, со фокус на Медитеранското партнерство на ОБСЕ, се очекува учество на делегации од парламентите на  земјите од Блискиот Исток и Северна Африка, за прв пат по демократските избори одржани во Тунис и Египет.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 320 парламентарци од 56 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите во врска со политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина.

 

 

 
Click