Соопштенија



Петок, 25 мај 2012 година

Собраниска Делегација  на Пролетна сесија на Парламентарното собрание на НАТО

Делегација на Собрание на Република Македонија во Парламентарното собрание на НАТО предводена од шефот на Делегацијата, г. Талат Џафери, а во чиј состав е и г. Павле Трајанов од 25 до 28 мај учествуваат во работата на Пролетната сесија на ПС на НАТО, која се одржува во Талин, Естонија.

Пред сесијата на ПС на НАТО која ќе се одржи на 28 мај, Делегацијата ќе учествува и во работата на петте постојани комитети, на кои ќе се расправа по предлог извештаите за консолидирање на револуциите во Северна Африка; за новите трендови во нелегалната миграција во Медитеранот; за Авганистан после 2014 година; за надминување на предизвиците од пиратеријата; за усогласување на капацитетите и амбициите на НАТО; за изворот и ефектите на кризата во Европа; за економските можности во Арктикот; за економските димензии и предизвици на Арапската пролет; за ефектите на Арапската пролет врз евро-атланстката безбедност; за Авганистан и безбедноста на југозападна Азија; за буџетските ограничувања како предизвик за кохезијата на Алијансата; за иранската нуклеарна програма;за нуклеарната енергија после Фукушима и за безпилотните летала.

На оваа сесија, во својство на претставник на Парламентарното собрание на Медитеранот, ќе учествува г. Илија Димовски, шеф на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Медитеранот. На сесијата, се очекува г. Димовски да има излагање во рамките на Комитетот за цивилна димензија и безбедност на ПС на НАТО.

Учеството на г. Димовски на Пролетната сесија на ПС на НАТО претставува своевиден придонес кон клучните заложби на Парламентарното собрание на Медитеранот во промовирањето на мирот, безбедноста и стабилноста во регионот на Западен Балкан, како и во контекст на аспирациите на Република Македонија за полноправно членство во НАТО.

Истовремено, учеството на овој настан претставува можност за презентација на македонските евроатлански аспирации и интереси и нивна промоција во рамките на мултилатералните меѓународни организации.

Click