Соопштенија

Понеделник, 23 јули 2012 година

Студиска посета на Вашингтон
 
На покана од Демократското партнерство на Конгресот на САД (HDP), а во соработка со Националниот демократски институт (NDI) и Меѓународниот републикански институт (IRI), во периодот од 23 до 27 јули 2012 година ќе биде реализирана студиска посета на Вашингтон, САД, наменета за парламентарци од повеќе земји во светот. Од Собранието на Република Македонија на оваа студиска посета ќе учествуваат пратениците: Илија Димовски, Александар Спасеновски, Цветанка Иванова, Ленче Николовска, Марјанчо Николов и Реџаиљ Исмаили.

Во рамките на предвидената програма, парламентарците ќе имаат можност да се запознаат со: структурата и функциите на комисиите во Конгресот на САД; поставување на агендата; улогата и важноста на надзорните расправи и јавните дебати; професионално истражување, услуги за подготовка и измена на законите во комисиите; односите на комисиите со агенциите од извршната власт на кои тие им вршат надзор; улогата на претседавачите на комисиите; работа со медиумите и јавноста и друго. Покрај набљудувањето на комисиска јавна расправа и активностите на седниците, парламентарците ќе се сретнат со сегашни и поранешни членови и вработени во Конгресот на САД, како и со претставници од меѓународните политички и донаторски заедници.

Истовремено, оваа студиска посета ќе им овозможи на пратениците од Собранието на Република Македонија да ги споделат своите искуства за начинот на функционирањето на комисиите во Собранието, методите на работа, поставеноста на комисиите според Деловникот на Собранието, разгледувањето на законските предлози, соработката со извршната власт, како и за предизвиците со кои се соочуваат во секојдневната работа.

 
Click