Активности



Понеделник, 11 февруари 2013 година

Дваесет и трета седница на Комисијата за економски прашања

Комисијата за економски прашања на Собранието на Република Македонија, на Дваесет и третата седница, одржана на 7 февруари 2013 година, како матично работно тело, во прво читање, ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за водичи во планинa и алпинистички водичи, поднесен од група пратеници;
  2. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за енергетика, поднесен од 13.169 избирачи преку овластениот предлагач Зорица Димовска.

Образложение на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика даде претставникот на предлагачот, г-ѓа Зорица Димовска.

Беше истакнато дека граѓанската иницијатива „Аман“ се појави како резултат на поскапувањата на електричната енергија, парно греењето и други енергенси во месец август 2012 година.

Здружението протестира повеќе од шест месеци во градот Скопје и во другите градови во Република Македонија против зголемувањата на цените на струјата, парното и горивата од кои директно зависат зголемувањата на цените на многу егзистенцијални производи.

Паралелно со протестите, здружението „Аман“ води и легална процедура низ институциите на системот за остварувања на своите барања.

На 30 јануари 2013 година во Собранието на Република Македонија беа доставени 13.169 обрасци со потписи од граѓани за покренување на граѓанска иницијатива на државно ниво со Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за енергетика.

Беше истакнато дека барањата на здружението „Аман“ се скромни. Враќање на дневната евтина тарифа на струјата и да не се наплаќа парно греењето на оние што не го користеле.

Главната цел на Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика е заштита на економските и социјалните права на граѓаните на Република Македонија гарантирани со Уставот на Република Македонија, преку заштита од монополската поставеност на компаниите на енергетскиот пазар и заштита од наметнување на обврски за услуги кои граѓаните не се согласуваат да ги користат.

Како што беше укажано, законските одредби чие донесување се предлага, нема да предизвикаат финансиски последици врз Буџетот на Република Македонија. За спроведување на предложениот закон не се потребни дополнителни финансиски средства од Буџетот на Република Македонија и истиот не повлекува материјални обврски за одделени субјекти.

Во претресот учествуваа претседателот на Комисијата за економски прашања, г-ѓа Владанка Авировиќ; членовите г. Драган Цуклев и г. Газменд Алији; заменик-членот на Комисијата за економски прашања, г. Реџаиљ Исмаили; пратеникот г. Васко Пашовски; заменик-министерот за економија, г. Христијан Делев; заменик-претседателот и член на Регулаторната комисија за енергетика, г-ѓа Светлана Јаневска; членовите на Регулаторната комисија за енергетика; г-ѓа Елена Маркова-Велинова и г. Видан Кулевски; директорот на Агенцијата за енергетика на Република Македонија, г. Лазар Гечевски и претставниците на здружението „Аман“: г-ѓа Зорица Димовска, г-ѓа Неда Чаловска, г-ѓа Ана Стојиловска, г-ѓа Јасминка Голубовска, г. Горан Трајков и г. Сашко Јованов. 

По завршувањето на расправата, врз основа на членот 142 од Деловникот на Собранието на Република Македонија, Комисијата за економски прашања со два гласа „за“ и четири „против“, заклучи дека Предлогот на Закон за изменување и дополнување на Законот за енергетика, поднесен од 13.169 избирачи преку овластениот предлагач Зорица Димовска, во прво читање, не е прифатлив и не треба да се даде на натамошно читање.

На седницата на Комисијата не беше разгледуван Предлогот на закон за водичи во планинa и алпинистички водичи.

Click