Активности



Вторник, 12 ноември 2013 година

Осумдесет и четврта седница на Комисијата за финансирање и буџет

Комисијата за финансирање и буџет на Собранието на Република Македонија, на 84. седница  одржана на 8 ноември 2013 година, како матично работно тело, во прво читање, ги разгледа:

  1. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за државната ревизија;
  2. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за ревизија;
  3. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за јавна внатрешна финансиска контрола;
  4. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за вршење на сметководствени работи;
  5. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за супервизија на осигурување;
  6. Предлогот на закон за изменување на Законот за вршење на услуги без трансфер на пари;
  7. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за инвестициски фондови;
  8. Предлогот на закон за изменување и дополнување на Царинскиот закон.

Образложение на Предлог-законите даде заменик-министерот за финансии, г. Ардиан Џеладини.

- По Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за државната ревизија, г. Џеладини истакна дека предложените измени и дополнувања се во насока на унапредување на начинот и постапката за полагање на испитот за стекнување на звањето овластен државен ревизор,  прецизирање на  условите, начинот и постапката за полагање на стручниот испит, а со цел зголемување на професионалноста и стручноста на лицата кои го полагаат испитот за стекнување на звањето овластен државен ревизор и обезбедување на поголема транспарентност при спроведувањето на испитот.

- Заменик-министерот за финансии во образложението на Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за ревизија, истакна дека со предложените измени и дополнувања се утврдуваат уловите и начинот на полагање на стручниот испит со цел да се зголеми професионалноста и стручноста на лицата кои ќе го полагаат испитот за стекнување на звањето ревизор. Предлог-законот предвидува административните работи да ги врши Институтот за овластени ревизори на Република Македонија, а технички да ги спроведува правно лице регистрирано во Централниот регистар на Република Македонија.

- Во однос на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за јавна внатрешна финансиска контрола, заменик-министерот Џеладини истакна дека имајќи го предвид брзиот развој на информатичките технологии се наметнала потребата од изменување и дополнување на Законот за јавна внатрешна финансиска контрола во насока на унапредување на начинот и постапката за полагање на испитот за стекнување на звањето овластен внатрешен ревизор. Со Предлог-законот се прецизираат условите и начинот на спроведување на обуката и полагањето на испитот за овластен внатрешен ревизор во јавниот сектор, со цел да се зголеми професионалноста и стручноста на лицата кои го полагаат испитот и транспарентноста при неговото спроведување.

- Во врска со Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за вршење на сметководствени работи,  г. Џеладини истакна дека измените и дополнувањата се во насока на унапредување на начинот и постапката за полагање на испитот за стекнување на звањето овластен сметководител или сметководител,  прецизирање на  условите, начинот и постапката за полагање на стручниот испит, a со цел да се зголеми професионалноста и стручноста на лицата кои го полагаат испитот за стекнување на звањето овластен сметководител или сметководител, како и обезбедување на поголема транспарeнтност при спроведувањето на испитот. Организирањето и спроведувањето на испитите ќе биде во надлежност на Институтот на сметководители и овластени сметководители, а техничкото спроведување на испитот ќе го врши правното лице регистрирано во Централниот регистар избрано од Институтот.

- Во образложението на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за супервизија на осигурување, заменикот на министерот за финансии истакна дека имајќи го предвид брзиот развој на информатичките технологии, се наметнала потребата од изменување и дополнување на Законот за супервизија на осигурување со цел унапредување на начинот и постапката за полагање на стручниот испит за добивање на дозвола за работа како овластен актуар, за вршење осигурително брокерски работи или за вршење работи на застапување во осигурувањето. Предлогот на законот е во функција на зголемување на стручноста, компетентноста и професионалноста на лицата кои ќе се стекнат со звањето овластен актуар, осигурителен брокер или застапник во осигурувањето; економичност при спроведувањето на стручниот испит и транспарентност во спроведувањето на стручниот испит за стекнување на звањето овластен актуар, осигурителен брокер или застапник во осигурувањето.

- По Предлогот на закон за изменување на Законот за вршење на услуги брз трансфер на пари, г. Џеладини истакна дека  измените се во насока на усогласување со Законот за изменување и дополнување на Законот за инспекциски надзор. Со членот 1 од Предлогот на законот се предвидува жалбата против решението на Државниот девизен инспекторат да се поднесува до Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочната постапка. Во членот 2 се предвидува одложена примена на овој закон од 1 мај 2014 година. 

- Заменикот на министерот за финансии по Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за инвестициски фондови, истакна дека согласно  Законот за инвестициски фондови, против решенијата донесени од страна на Комисијата за хартии од вредност, незадоволната страна може да изјави жалба до Комисијата за решавање на жалби од областа на пазарот на хартии од вредност во рок од 15 работни дена од приемот на решението. Поради нефункционирањето на Комисијата за решавање на жалби од областа на пазарот на хартии од вредност со измените и дополнувањата се предлага странките кои се незадоволни од решенијата донесени од страна на Комисијата за хартии од вредност да доставуваат жалби до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

- Во образложението на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Царинскиот закон, г. Ардиан Џеладини истакна дека со предложените измени и дополнувања ќе се изврши целосно усогласување на одредбите кои се однесуваат на транзитната постапка (кои се предуслов за спроведување на заедничката транзитна постапка согласно Конвенцијата за заеднички транзит), одредбите кои се однесуваат на трошоците за анализа и преглед на земените мостри, одредбите за царински дозволено постапување или употреба на стоки во слободни зони и слободни складови со Царинскиот закон на Заедницата. Истовремено ќе се изедначи употребата на вообичаената терминологија која се користи во Царинскиот законик на Заедницата.

Измените во членот 6 не се поврзани со усогласување со европското законодавство од причина што царинското застапување секоја земја го регулира  на национална основа. Се предлага и воведување на надоместок за полагање на стручен испит за лиценциран застапник, како и надоместок за издавање на лиценца за вршење застапување и легитимација на лиценциран застапник,  а трошоците се на товар на  Царинската управа.

Со измените на членот 16 се овозможува да се објават царинските должници на веб страницата на Управата за јавни приходи, согласно измените на Законот за даночна постапка. Исто така, со измените во член 196 ќе се овозможи ослободување од плаќање увозни давачки  за опрема наменета за научно-истражувачка и иновациска дејност за субјектите на иновациската дејност. Со измените на член 198 се пропишува ослободување од плаќање на увозни давачки  за стока наменета за реализација на проектите кои се финансирани во рамки на инструментот за претпристапна помош (ИПА).

Со цел надминување на тековната состојба и создавање на правна рамка за расчистување на сите застарени побарувања, како и регулирање на привремениот отпис на ненаплатливите побарувања (затворен стечај, ликвидација, немање на имот, бришани субјекти и др.) се предлага додавање на нов член 246-а со кој се овозможува царинскиот орган да го отпише износот на давачки евидентиран во сметководстветната евиденција доколку утврди дека наплатата нема да се изврши или трошоците за наплата не се во сооднос со долгот. Исто така, со оваа измена се врши одложување на примената на одредбите на Царинскиот закон со кои се регулира употребата на влезна и излезна збирна декларација.

  • Комисијата за финансирање и буџет заклучи дека сите осум Предлог-закони се прифатливи и треба да се дадат на натамошно читање.
Click