Активности

Четврток, 7 ноември 2013 година, Брисел

Собраниска делегација на Семинар за младите и образованието на Балканот

Делегација на Комисијата за образование, наука и спорт на Собранието на Република Македонија, што ја предводи претседателот на Комисијата, г. Александар Спасеновски, во чиј состав се пратениците: г-ѓа Билјана Казанџиска, г-ѓа Дешира Имери и г-ѓа Мерал Узеири-Ферати, учествуваше на парламентарниот семинар на тема „Младите и образованието на Балканот", што се одржа во Европскиот парламент во Брисел, на 6 и 7 ноември 2013 година.

Семинарот го отвори и со него раководеше претседателот на Комисијата за образование и култура на Европскиот парламент, г-ѓа Дорис Пак. Во пригодното обраќање до делегациите на комисиите за образование на парламентите на: Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Косово и Турција, г-ѓа Пак говореше за најновата иницијатива на ЕУ за подобрување на политичкиот дијалог во регионот за соработка во рамките на политиките на ЕУ во областа на образованието и обуката. Оваа иницијатива, која што се заснова на студија, во која се идентификуваат главните резултати на образовните политики на земјите од Западен Балкан и Турција, ќе бидат презентирани на регионален семинар, кој во организација на Европската комисија ќе се одржи во Охрид на 19 и 20 ноември 2013 година. 

Во рамките на темите на семинарот, од наша страна беа презентирани образовните реформи во сите степени од образованието во Република Македонија. Беше ставен акцент на реформите во стручното образование и обука и на инклузивното образование, за кое европските експерти истакнаа дека претставува единствен пример во регионот во поглед на билингвалниот пристап во претшколските установи кој ќе овозможи толеранција меѓу децата од најрана возраст.

Во поглед на европските стандарди за високото образование, од наша страна беа констатирани недостатоците на Болоњската декларација, во делот на кредит трансфер системот и одразот врз квалитетот на образованието, што е актуелна тема не само во европски рамки, туку и во македонските академски кругови.

Заедничка оценка на учесниците на семинарот беше потребата од континуирана парламентарна активност за реализација на утврдените владини политики во областа на образованието. 

Click