Активности

Петок, 1 ноември 2013 година

Поддршка за евроинтеграција на Македонија од европратеникот Дорис Пак

Координаторот на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, г-ѓа Силвана Бонева и пратениците: г-ца Христина Рунчева, г. Илија Димовски и г. Александар Спасеновски, остварија средба со г-ѓa Дорис Пак, пратеник во Европскиот парламент и г-ѓа Ања Чимек, официјален претставник на Фондацијата „Конрад Аденауер“.

На почетокот од средбата, г-ѓа Бонева изрази благодарност за посетата во овој клучен момент за Република Македонија, кога земјата се наоѓа пред голем предизвик и во очекување на датум за почеток на преговори за членство во Европската унија. После петте препораки од Европската комисија за старт на преговори и исполнувањето на копенхашките критериуми, се очекува фрустрацијата која се појави меѓу народот во Република Македонија, да биде прекината во декември.

Исто така, координаторот Бонева се заблагодари за континуираната поддршка за евроинтеграција на Македонија, што е во корист не само на земјата, туку и на регионот и на самата ЕУ. Притоа, европратеникот Дорис Пак истакна дека сака да ја види Република Македонија во Унијата и ако постои каква било можност за решавање на спорот со името, треба да се искористи.

На средбата, македонските пратеници ги запознаа гостите со ситуацијата во Собранието и во државата воопшто, истакнувајќи дека како парламентарно мнозинство се расположени за секаков дијалог. Притоа беше истакнато дека актуелните случувања во судската сфера, се прелеаја во Собранието. Во тој контекст, г-ѓа Дорис Пак нагласи дека не сака да суди и коментира однадвор. Таа беше децидна дека мора да постои политичка култура и дека можат да се искористат многу модели на функционирање на Парламентот од различни европски земји.

На крајот, г-ѓа Бонева посочи дека Република Македонија ќе продолжи со реформите и со негување на добрососедските односи и притоа побара г-ѓа Дорис Пак и другите европски пратеници, во рамките на своите можности, да влијаат кај грчката страна да прифати парламентарна соработка со нашата земја и на тој начин пратениците од двете земји да помогнат во надминување на јазот.
Click