Активности

Петок, 22 ноември 2013 година

Пратениците Марјанчо Николов и Владанка Авировиќ на Конференција во Црна Гора

Претседателот на Комисијата за финансирање и буџет, г. Марјанчо Николов и претседателот на Комисијата за економски прашања, г-ѓа Владанка Авировиќ учествуваa на Конференција на тема: „Oдносите помеѓу Врховните ревизорски институции и Парламентите на земјите-кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ“, што се одржа на 18 и 19 ноември 2013 година во Пржно, Црна Гора.

На Конференцијата се дискутираше за улогите и одговорностите на Парламентите, Владите и Врховните ревизорски институции во надзорот и контролата на трошењето на јавните финансиски средства и се изнесоа искуствата во градењето на конструктивни и одржливи односи помеѓу Парламентите и ревизорските институци.

Конференцијата ја отвори и со истата претседаваше д-р Милан Дабовиќ, претседател на Сенатот во Државната ревизорска институција на Црна Гора, а  воведно обраќање имаа: г. Жељко Штурановиќ, потпретседател на Парламентот на Црна Гора, г. Радоје Жугиќ, министер за финансии на Црна Гора и г. Милан Мартин Цвикл, член на Европскиот суд на ревизори.

Главниот државен ревизор на Република Македонија, г-ѓа Тања Таневска, ја презентираше соработката меѓу Државниот завод за ревизија и Собранието на Република Македонија.

На Конференцијата свое излагање имаа пратениците г. Марјанчо Николов и г-ѓа Владанка Авировиќ, кои ја истакнаа важноста на соработката помеѓу Собранието на Република Македонија и Државниот завод за ревизија и мерките кои се преземаат за унапредување на односите меѓу овие две институции.

Во Собранието на Република Македонија, согласно одредбите на Законот за државната ревизија, на седница на надлежната Комисија за финансирање и буџет се разгледува Годишниот извештај за извршените ревизии и за работењето на Државниот завод за ревизија и по истиот се донесуваат Предлог-заклучоци. Собранието на Република Македонија го разгледува Годишниот извештај за извршените ревизии и за работењето на Државниот завод за ревизија и по истиот усвојува заклучоци. Заклучоците се во насока на поддршка на извршувањето и унапредувањето на активностите на Државниот завод за ревизија во согласност со стандардите на Меѓународната организација на врховните ревизорски институции. Согласно Законот за државната ревизија, во Собранието на Република Македонија до пратениците се доставуваат сите конечни извештаи на ДЗР за извршена финансиска ревизија, ревизија на усогласеност и ревизија на успешност.

Собранието на Република Македонија и Државниот завод за ревизија имаат потпишано Меморандум за соработка, чија цел е унапредување на соработката  во вршењето на надлежностите од делокругот на двете институции и воспоставување на професионално одржливи  и ефективни релации, со што ќе се зголеми ефикасноста на надзорот на трошењето на јавните финансиски средства.

Собранието на Република Македонија  и  Државниот завод за ревизија  се во постојана комуникација во насока на изнаоѓање на соодветен модел за разгледување на конечните ревизорски извештаи, со што би се постигнала поголема ефикасност и ефективност во спроведувањето на препораките дадени во ревизорските извештаи, што ќе влијае на зајакнување на надзорот и контролата на трошењето на јавните финансиски средства.
Click