Активности

Петок, 8 февруари 2013 година, Вашингтон

Претседателот Вељаноски се сретна со конгресменот Роберт Адерхолд и се обрати на Ручекот на лидерите

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски и при оваа посета на САД се сретна со конгресменот Роберт Адерхолд. Првата нивна средба е остварена за време на претходната посета на претседателот Вељаноски на САД во 2009 година.

Двајцата соговорници разговараа на повеќе теми, при што акцентот беше ставен на стратешкото пријателство меѓу САД и Република Македонија, нашите евроатлантски интеграции и решавањето на спорот со нашиот јужен сосед.

Претседателот Вељаноски и на оваа средба се заложи при меѓународното интегрирање на Република Македонија во овие организации да важат истите правила кои важат и за другите земји. По средбата двајцата соговорници заминаа на заедничкиот Ручек на лидерите, кој се oрганизира во рамките на активностите на Молитвениот појадок.

Претседателот Вељаноски имаше свое обраќање на Ручекот на лидерите, на кој се обратија и конгресмените Роберт Адерхолд и Линколн Дејвис, како и други конгресмени, сенатори, лидери и претставници на други земји.

Ручекот на лидерите беше посветен на соработката на народите и развивањето на духовните и религиозните вредности, како што се простувањето и толеранцијата.

Во делови од обраќањето, претседателот Вељаноски истакна:

„За време на оваа посета се сретнав со повеќе членови на Конгресот и Сенатот на Соединетите Американски Држави, како и претставници на народите од целиот свет...

Мојата татковина, Република Македонија, е земја во која што се негува толеранцијата и се почитуваат етничките, културните и верските разлики. Македонија е земја во која христијаните, муслиманите, евреите и другите заедници живеат заедно. На исто место се црквите, џамиите, синагогите и другите верски објекти...

Република Македонија е земја која што има свое име, идентитет и историја. Во тој контекст, за мојата земја, која е дел семејството на народите, бараме да важат и да се почитуваат истите правила и принципи како и за сите други...

Доаѓам од Скопје, нашиот главен град, градот во кој што е родена Мајка Тереза. Пред 4 години отворивме Меморијален музеј на Мајка Тереза. Таа е потсетник за илјадници луѓе низ светот за тоа што значи да се биде лидер кој му служи на народот. Се надевам дека сите ние, без разлика што работиме и од каде доаѓаме, ќе ја имаме Мајка Тереза како инспирација во нашите животи, во нашите секојдневни постапки, во нашите дела и нашата работа“.
Click