Активности



Понеделник, 28 јануари 2013 година, Даблин, Ирска

Проширувањето на ЕУ - механизам за промоција на мир, напредок и безбедност

Претседателот на Комисијата за европски прашања на Собранието на Република Македонија, г. Хајрула Мисини, учествува на КОСАК-Конференција на комисиите за европски прашања на земјите-членки на Унијата, која во рамките на Ирското претседателство со Европската унија, се одржува од 27 до 28 јануари во Даблин.

На конференцијата, од страна на г. Брендан Холин, министер за јавни трошоци и реформи на Ирска, беа претставени програмата и приоритетите на Ирското претседателство. Беше истакнато дека Ирска ќе го води претседателството под мотото „Стабилност, развој и вработувања".

„Политиката на проширувањето на Унијата ќе продолжи да биде механизам за промоција на мирот, напредокот и безбедноста во Европа“, изјави г. Холин.

Тој, исто така, истакна дека Европската унија останува отворена за земјите кои ги исполнуваат критериумите, кои се подготвени и сакаат да ги споделат вредностите на Европската унија.

Што се однесува до Република Македонија, тој наведе дека пристапните преговори со Македонија може да започнат и за време на Ирското претседателство со донесување на Одлука од страна на Советот, која ќе се утврди и од Европскиот совет.

Претседателот на Комисијата за европски прашања, г. Мисини, во своето излагање го истакна своето задоволство од Ирското претседателство со Европската унија и ја поздрави нивната ангажираност во давањето приоритет на веродостојната политика на проширувањето преку унапредување на односите со државите кои се подготвуваат за членство во Унијата.

Тој рече дека за Република Македонија, која е земја-кандидат за членство во Унијата од 2005 година, се од особено значење сите реформи кои се преземаат за да се достигнат стандардите на Унијата, и во тој контекст посочи дека развојот на добрососедските политики се на врвот на агендата на нашето државно раководство.

Од говорницата јавно ги повика своите колеги од парламентите на Република Грција и на Република Бугарија, да ја посетат Република Македонија, за да разменат искуства, мислења и идеи во насока на продлабочување на соработката помеѓу нашите земји.

Притоа истакна дека „за љубов се потребни двајца", со што на симболичен начин го изрази унапредувањето на добрососедските односи со овие земји. Ваквата иницијатива наиде на позитивен одговор од страна на претседателот на Комисијата за европски прашања на бугарскиот парламент.

Конференцијата продолжува денеска со дебата за финансиската криза во Европската унија и можни решенија за излез од истата.

Click