Активности

Вторник, 29 октомври 2013 година

Седумнаесетта седница на Националниот совет за евроинтеграции

Националниот совет за евроинтеграции на 28 октомври 2013 година ја одржа Седумнаесеттата седница посветена на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2013 година.

На седницата присуствуваа: Н.Е. Аиво Орав, шеф на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија;  г. Ричард Ховит, пратеник во Европскиот парламент и известител за Република Македонија во Европскиот парламент; Н.Е. Кристофер Ивон, амбасадор на Обединетото Кралство Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија; Н.Е. Фернандо де Галаинена Родригез, амбасадор на Кралството Шпанија во Република Македонија; г. Роберт Лидл, раководител на Одделот за политички прашања, правда и внатрешни работи, информирање и комуникации  во Делегацијата на ЕУ во Република Македонија; г-ѓа Марина Курте, советник за европски интеграции и правни прашања во Делегацијата на ЕУ во Република Македонија и г-ѓа Јоана Бабушку од Амбасадата на Обединетото Кралство Велика Британија и Северна Ирска во Република Македонија.

Во презентацијата на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2013 година, г.Аиво Орав истакна дека е особено важно што Европската комисија по петти пат даде препорака за почеток на преговорите со Република Македонија. Препораката значи дека Комисијата верува дека земјата е подготвена да ги започне пристапните преговори. Извештајот на Европската комисија го покрива периодот од 1 септември 2012 до 31 август 2013 година, претставува платформа за натамошната работа. Во Извештајот нагласени се следните прашања: политичкиот дијалог кој е мошне важен и треба да продолжи, слободата на медиумите, владеењето на правото, борбата против корупција и добрососедските односи. Во периодот до одржувањето на декемврискиот состанок на Советот на ЕУ, се очекува да биде постигнат дополнителен напредок во наведените области.

Пратеникот во Европскиот парламент и известител за Република Македонија во ЕП, г. Ричард Ховит, се заблагодари за можноста за прв пат да присуствува на седница на Националниот совет за евроинтеграции. Според г. Ховит, Националниот совет за евроинтеграции има клучна улога во постигнувањето на широк национален консензус за европската интеграција, како и за политичкиот дијалог, што е потенцирано и во овогодишниот Извештај на Европската комисија. Од негова страна беше покажан интерес какво е размислувањето на Националниот совет, во иднина да ја ефектуира препораката од Извештајот на Европската комисија, како и за кој дел од Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2013 година, постои согласност, односно несогласување меѓу членовите и претставниците на Советот.

Улогата на г. Ховит, како известител во ЕП за Република Македонија, е да ја согледа реалната состојба во државата и постигнатиот напредок, да оствари консултации и да изгради консензус со колегите од Европскиот парламент за да се постигне политичка согласност за почеток на пристапните преговори. Европскиот парламент е независна институција од Европската комисија која самостојно ги определува своите проценки.

Во однос на реформата на јавната администрација, г. Ховит истакна дека и оваа година се повторуваат забелешките на Европската комисија, дополнителни напори за гарантирање на професионалност и независност на администрацијата и правична застапеност. Отсуството на конкретниот број на вработени во администрацијата претставува загриженост кај земјите-членки. Вклучувањето на граѓанското општество во парламентарниот процес и донесувањето на одлуките е особено значајно.

Извештајот на ЕК за напредокот на Република Македонија за 2013 година, е особено важен за државата, истиот нема некои големи економски предизвици, а во однос на законодовството треба да се унапреди во делот на слободата на движење на капитал и стоки. Известителот Ховит покажа интерес за договорот со Руската федерација за гасоводот и прашањето колку истиот е компактибилен со целите на државата, како и за предлозите во областа на развојот на обновливата енергија. Справувањето со корупцијата е особено важно прашање за сите земји од Западен Балкан.

Важен чекор што треба да се преземе е спроведувањето на препораките од Анкетната комисија за настаните од 24 декември 2012 година. Во измените на Деловникот на Собранието треба да се интегрираат сите политички партии во духот на потпишаниот меѓупартиски Меморандум, предност ќе биде доколку измените се донесат пред одржувањето на декемврискиот состанок на Советот на ЕУ. Слободата на изразување и состојбите во медиумите ќе биде едно од главните прашања за кои ќе се дискутира во Европскиот парламент.

Господинот Ховит истакна дека Република Македонија не може да остане во статус кво позиција. Ставот на Европската комисија и Европскиот парламент, како и негов личен став е дека Копенхашките критериуми се доволно исполнети, но дека дел од земјите-членки на ЕУ не се согласуваат со тоа. За ова прашање треба да се дискутира пред декемврискиот состанок на Советот на ЕУ, со цел да се убедат сите земјите-членки.

Заменикот на претседателот на Владата задолжен за европски прашања, г. Фатмир Бесими, информираше дека веднаш по добивањето на Извештајот на ЕК за напредокот на Република Македонија за 2013 година, одржан е состанок на Работниот комитет за евроинтерации и подготвена е анализа на Извештајот од страна на Секретаријатот за европски прашања. Сите одговорни институции презедоа обврска да подготват ревизија на НПАА за 2014 година и да се земат во предвид препораките дадени од Извештајот на Европската комисија. За целосно исполнување на препораките на Европската комисија, потребна е соработка меѓу сите институции, Владата, Собранието, политичките партии, граѓанското општество и медиумите. Реформите кои се преземаат и отворениот конструктивен пристап кон соседите се комплементарни аспекти во процесот на интеграција во ЕУ. За Република Македонија особено е значајно да ги започне пристапните преговори, што ќе придонесе за интензитет на реформите и за решавањето на прашањето со Република Грција.

Во расправата на седницата, со свои дискусии, сугестии и препораки, учествуваа: г-ѓа Силвана Бонева, потпретседател на Советот; г. Антонио Милошовски, г. Тито Петковски, г-ѓа Мерал Узеири-Ферати - пратеници и членови на Советот; г. Сафет Бишевац, пратеник и заменик-член на Советот; г. Димитар Мирчев, претставник од Кабинет на претседателот на Република Македонија; г-ѓа Тања Хафнер-Адеми, претставник од Граѓанската платформа на Македонија и г. Насер Селмани, претставник од Здружението на новинари на Македонија.

Во текот на седницата, на членовите и претставниците на Националниот совет за евроинтеграции им беа поделени предлог-заклучоци на кои треба да достават свои коментари и предлози. По усогласувањето на текстот, Советот ќе донесе заклучоци по повод расправата по Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија за 2013 година.

дневен ред    Извештај    записник    стенографски белешки    стенографски белешки (прво продолжение) заклучоци

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.