Активности



Вторник, 5 февруари 2013 година, Њујорк

Претседателот Вељаноски во Њујорк се сретна со претседателот на Генералното собрание на Обединетите нации, г. Вук Јеремиќ

По вчерашната средба со генералниот секретар за Обединетите нации, г. Бан Ки-мун, денеска претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, оствари средба со претседателот на Генералното собрание на Обединетите нации, г. Вук Јеремиќ.

На срдечната средба се разговараше за повеќе прашања, при што акцентот беше ставен на унапредувањето на регионалната соработка и градењето на добрососедски односи. Во оваа насока, претседателот Вељаноски го истакна посебниот интерес и континуиран придонес на Република Македонија во градењето на мирот и стабилноста во регионот.

Во овој контекст, тој ги потенцираше заложбите на Република Македонија, во рамките на нашето претседавање со Процесот на соработка на земјите од Југоисточна Европа, за развивање и подигање на регионалните односи на повисоко ниво, особено во делот на парламентарната соработка и поврзување.

И двата соговорника се заложија за финализирање на активностите за оформување на Парламентарно собрание во рамките на Процесот на соработка на земјите од Југоисточна Европа. Во оваа смисла, развојот на парламентарните капацитети, и одделно и заеднички, во регионот, се значаен развоен момент.

Во однос на регионалните прашања, исто така, беше афирмирана потребата за што поскоро интегрирање на сите земји од Балканот во Европската унија, како заедничка перспектива која ќе донесе трајна стабилност и просперитет на регионот.

Во делот на евроатлантското интегрирање на Република Македонија, претседателот Вељаноски подетално го запозна соговорникот со реформските активности кои се преземени во сите сегменти на интеграциониот процес.

Во продолжението на средбата, претседателот Вељаноски информираше за активностите на Собранието, како во поглед на ратификувањето на конвенциите на Обединетите нации, така и за законодавната агенда поврзана и со усогласувањето со европската легислатива и со останатите реформски процеси и мерки за справување со последниците од глобалната економска криза.

Двата соговорника се согласија дека решавањето на економските прашања и донесувањето на значајни странски инвестиции во регионот, е значаен приоритет за неговите перспективи.

Со завршувањето на средбата со г. Јеремиќ, завршуваат активностите на претседателот на Собранието во Њујорк во Обединетите нации и од утрешниот ден активностите продолжуваат во Вашингтон, каде во претпладневните часови ќе се сретне со конгресменот г. Дејвид Прајс, претседател на Комисијата за поддршка на демократија на Конгресот на САД, со која Собранието на Република Македонија остварува неколкугодишна соработка.

По средбата со г. Прајс, претседателот Вељаноски ќе се сретне со првиот човек на влијателната Конгресна комисија за надворешна политика, г. Ед Ројс.

Click