Активности



Понеделник, 28 јануари 2013 година 
 
Претседателот Вељаноски го прими претседателот на Владата на Република Србија, г. Ивица Дачиќ
 
Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, на денешната средба ги истакна високо развиените односи меѓу двете држави и народи, кои се карактеризираат со добрососедство, безбедност и стабилност на билатерален, регионален и мултилатерален план со висок степен на доверба и отсуство на отворени и спорни прашања. На средбата посебно акцент беше ставен на заедничката иднина во рамките на процесот на интеграција во Европската унија, при што беше искажана подготвеноста од Собранието на Република Македонија за споделување на сите искуства.

Претседателот Вељаноски истакна дека особено е важна билатералната  соработка меѓу двете држави не само како заеднички интерес, туку и како интерес на целиот регион и неговата евроатлантска перспектива. Оттука, токму регионалната соработка Брисел посебно ја вреднува, како еден од основните принципи врз кои се темели Европската унија.

Во однос на економската соработка, истакна дека Република Србија е значаен и еден од најголемите трговски партнери на Република Македонија и дека е потребно зајакнување и унапредување на трговската и стопанска соработка, преку реализација на заеднички проекти, кои ќе бидат во корист како на двете држави, така и на регионот, при што претседателот Вељаноски како пример го посочи завршувањето на Коридорот 10.

Исто така, тој го истакна и задоволството од редовната и успешна соработка на највисоко ниво преку посети на официјални делегации, како и посетите на пратенички комисии на парламентите на двете земји.

Претседателот на Владата на Република Србија, г. Ивица Дачиќ, изразувајќи лично задоволство од посетата на Република Македонија, подвлече дека за Република Србија е од голема важност натамошниот развој на добрососедските односи.

Исто така, тој истакна дека економската соработка во инфраструктурата, во енергетиката, земјоделието, како и заеднички настапи на трети пазари, е многу значајна и дека двете држави имаат потенцијал таа соработка да ја развиваат.

Во однос на евроатлантските интеграции, г. Дачиќ забележа дека евроинтегрирањето на двете земји е важен фактор кој би влијаел врз динамизирањето на реформите во двете земји, како и врз регионалната стабилност во целина.

На средбата и двете страни како многу добра ја оценија положбата на етничките заедници, Србите во Република Македонија и македонската заедница во Република Србија, истакнувајќи уверување дека истите ќе се негуваат и развиваат и во иднина. 

Click