Активности



Четврток, 7 февруари 2013 година

Средби на претседателот Вељаноски во Вашингтон

На првиот ден од престојот на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, во Вашингтон, се остварени повеќе средби со конгресмени, сенатори и претседатели на фондации и меѓународни организации.

На средбата со конгресменот Дејвид Прајс, претседател на Комисијата за поддршка на демократијата, претседателот Вељаноски ја истакна успешната соработка која Комисијата ја остварува со Собранието.

Претседателот Вељаноски информираше за завршните чекори за финализирање на проектот - Парламентарниот институт во Собранието кој треба да обезбеди професионална анализа и асистенција при подготовката на законите кои ќе бидат предлагани од пратениците.

Тој изрази задоволство од развојот на парламентарниот капацитет на Собранието во изминативе години, при што се заблагодари за помошта која во изминативе седум години Собранието ја доби од Комисијата за поддршка на демократијата.

Конгресменот Прајс, на крајот од средбата, ја даде следната изјава за медиумите: „Многу сум среќен што можев да се видам со претседателот и да му посакам добредојде во нашата земја. Имаме партнерство кое трае веќе седум години со Собранието на Република Македонија. Како клучна демократија во балканскиот регион, како демократска земја за која знаеме дека може да биде и ќе биде пример за другите земји во регионот. Сметаме дека ова е интензивна и продуктивна соработка и навистина ни е драго да ја обновиме со средби од овој вид.“

На средбата со конгресменот Питер Роскам, стана збор за нашата контрибуција во НАТО мировните мисии, за увереноста дека многу скоро таа контрибуција на Република Македонија ќе биде како од земја-членка на НАТО. Се изрази надеж дека за нашата интеграција ќе важат правилата како и за сите други земји.

Конгресменот Роскам потенцираше дека двете пријателски земји меѓу себе треба да ги споделуваат заедничките вредности, слободата, слободата на изразување, почитувањето на религиите и културите и истите безрезервно да ги застапуваат.

Тој го искажа задоволството што се остварува соработка на парламентарно ниво и ја истакна потребата од постојано негување на вредностите и духовното наследство без кое не може да има одржливост во развојот на било која земја. Во оваа смисла, конгресменот Роскам потенцираше дека едни од други треба да учиме и дека големите можат и треба учат од малите земји.

Претседателот Вељаноски, од своја страна, истакна дека за решавање на спорните прашања е неопходна волја од двете страни, како и отворен и искрен пристап.

На средбата со влијателниот претседател на Комисијата за надворешна политика, г. Ед Ројс, се разговараше за повеќе прашања од интерес на САД и Република Македонија.

Претседателот Вељаноски информираше дека во Вашингтон доаѓа по посетата на генералниот секретар на Обединетите нации, г. Бан Ки Мун и претседавачот на Генералното собрание г. Вук Јеремиќ.

Претседателот Вељаноски го потенцираше значењето на стратешкото пријателство меѓу двете земји и континуираната поддршка на Република Македонија во НАТО мировните мисии во Ирак и Авганистан, потенцирајќи дека Македонија е на четвртото место според контрибуцијата на војници според бројот на населението.

На средбата се разговараше за напорите за надминување на спорот со Република Грција, кој долго време ги попречува евроатлантските интеграциони процеси и влијае на сите други области за напредокот на државата. Беа презентирани показатели за реформите кои Република Македонија ги прави во повеќе области, за потребата за забрзан влез на странски инвестиции и за инвестициите во Македонија кои потекнуваат од САД.

Претседателот Вељаноски ја искажа потребата од постојан ангажман на САД во регионот до влегувањето на земјите од регионот во Европската унија, со цел обезбедување долгорочна стабилност и развој.

На средбата со претседателот на НДИ, г. Кенет Волак, на која присуствуваше и регионалниот директот за програмите за Централна и Источна Европа, Роберт Бенџамин, се разговараше за повеќегодишната успешна соработка меѓу Собранието и Националниот демократски институт.

Во насока на успешната соработка се разменија мислења и за финализирањето на последниот, во низата заеднички проекти - Парламентарниот институт на Собранието на Република Македонија, кој се очекува да почне да ја извршува својата функција и услуги во втората половина на 2013 година и да учествува во проценката на влијанието на регулативата.

Претседателот на Собранието, г. Вељаноски, во продолжението на средбата, се осврна и на последните случувања во Собранието на Република Македонија, при што на својот домаќин му ги изнесе можните начини за надминување на актуелните предизвици, потребата од надминувањето на разликите и судирите и за бенефитот кој земјата ќе го има градењето на конкретни мерки на доверба.

Претседателот Вељаноски потенцираше дека Собранието во изминативе четири години добива позитивни оценки во Извештаите на ЕУ за постигнатиот напредок, дека и НДИ има своја заслуга во градењето на позитивниот паралментарен капацитет и дека треба да се продолжи со развојот на парламентарниот капацитет.

Заблагодарувајќи се за досегашната помош која Собранието ја добиваше од НДИ, Вељаноски ја истакна отвореноста на Собранието за понатамошна соработка.

На средбата на претседателот Вељаноски со конгресменот Френк Волф и поранешниот конгресмен Тони Хол, се говореше за значењето на добрите меѓучовечки односи, за вредностите кои претставниците на политичките партии ги пренесуваат во Конгресот, за потребата од меѓусебна соработка на политичките партии и на нивните членови без оглед на спротивностите и разликите, за кризата на лидерството генерално и за потребата од враќање на лидерството во политиката, односно за потребата од лица кои имаат интегритет и авторитет како во некои поранешни времиња, насекаде во светот.

И двајцата соговорници, како големи пријатели на Република Македонија, кои престојувале неколкупати во неа, ѝ посакаа брзо да ги реши сите предизвици. Во однос на спорот со нашиот јужен сосед, од нивна страна беше аспектирана ирационална димензија на спорот.

На средбата на претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, со претседателот на Херитиџ фондацијата, сенаторот Џим ДеМинт, размени мислење за значењето на зачленувањето на Република Македонија во НАТО, од аспект на стабилност и сигурност, не само за државата, туку за целиот регион, и за значењето на привлекувањето на странските инвестиции за економско унапредување на државата, а како услов за подобрување на севкупното живеење на граѓаните.

Претседателот Вељаноски изрази благодарност за безрезервната поддршка која Република Македонија континуирано ја добива од Херитиџ фондацијата. Воедно потенцираше дека треба да се стремиме кон иднината, но не можеме да ја заборавиме историјата, како значаен суштествен дел од секоја единка.

Сенаторот Џим ДеМинт изрази уверување дека е доблест големите земји да учат и од малите и во таа насока го потенцираше личното задоволство од преземените храбри и многу одлучни чекори во градењето на Република Македонија. Тој изрази убеденост дека САД и понатаму остануваат силни поддржувачи на Република Македонија, кои се подготвени и дополнително да ја засилат и унапредат поддршката што ја даваат.

Click