Активности

Петок, 8 февруари 2013 година, Вашингтон

Претседателот Вељаноски и пратениците Спасеновски и Ѓорчев остварија средби со Обединетата македонска дијаспора и Националниот албански американски совет

Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Трајко Вељаноски, оствари средба со претседателот Мето Коловски и членовите на раководството на Обединетета македонска дијаспора.

На средбата, која помина во срдечна атмосфера, акцентот беше ставен на неколку теми. Претставниците на ОМД се интересираа за разговорите на претседателот во Обединетите нации, за остварените средби на претседателот во Вашингтон, актуелните политички случувања во Република Македонија, за динамиката на процесот за евроатлантското интегрирање на Република Македонија.

Исто така, на средбата, тие повторно ја реафирмираа својата идеја за воведување на Министерство за дијаспора на Република Македонија. Информираа и за добрата соработка која ја остваруваат со пратениците кои ја претставуваат македонската дијаспора и за своите тековни и идни активности.

На повеќечасовната средба стана збор и за прашања кои ја засегаат дијаспората и кои се добро организирани, но и за прашања за чие поуспешно инплементирање се потребни дополнителни заложби, како од страна на раководството на дијаспората, така и од институциите во Република Македонија.

Заеднички беше констатирано дека има потреба од воведување на активности и мерки за зголемување на интересот на иселениците со право на глас, за вадење на патни исправи за учество на претседателските и парламентарните избори.

На средбата со ОМД учествуваа и пратениците Александар Спасеновски и Владимир Ѓорчев.

Претседателот Вељаноски и пратениците Спасеновски и Ѓорчев, заедно со министерот за економија на Република Македонија, г. Ваљон Сараќини, се сретнаа со г. Авни Мустафај, претседател на Националниот албански американски совет.

На средбата стана збор за повеќе прашања од заемен интерес. Од страна на господинот Мустафај беше потенцирано дека позицијата на Република Македонија во Вашингтон, во администрацијата и меѓу тинк-тенк групите е силно подржана.

Се зборуваше и за евроатлантските процеси, за Рамковниот договор, а особено беше нагласена потребата од интегрирање во образовниот процес, односно за мешање на најмладата генерација, за да не дојде до сегрегација, за прашања поврзани со актуелните состојби на Балканот, како и за важноста од привлекување на странски инвестиции во секој дел на Република Македонија.

Во однос на спорот со Грција, г. Мустафај потенцираше дека е логично од секоја земја прва да се заложи нејзиниот сосед да биде интегриран во НАТО структурите, заради своја стабилност и безбедност, како и за стабилност на регионот.

Претседателот Вељаноски се интересираше за активностите на Советот, при што од активисти на Советот беше информиран за проектите кои се поврзани со јакнење на положбата на жената во општеството и за други проекти.

На крајот од средбата, г. Мустафај истакна дека нивната организација стои на располагање доколку на кој било начин може да помогне и да допринесе за понатамошен развој и лобирање за Република Македонија.
Click