Соопштенија

Петок, 4 октомври 2013 година
 
Учество на 129. Собрание на Интерпарламентарната унија
 
Делегација на Собранието на Република Македонија ќе учествува на 129. Собрание на Интерпарламентарната унија (ИПУ), што ќе се одржи од 6 до 9 октомври 2013 година, во Женева, Швајцарија. Делегацијата ја сочинуваат пратениците: г. Јани Макрадули, шеф на делегацијата, г-ѓа Силвана Бонева, г. Неџати Јакупи, г. Имер Алиу, г. Горан Мисовски и г. Рејхан Дурмиши, членови на делегацијата.

Се очекува на ова Собрание на ИПУ да учествуваат околу 1.200 делегати, претставници на повеќе од 120 земји.                       

На 129. Собрание на ИПУ ќе се дискутира за бројни прашања поврзани со мирот и човековите права: нуклеарното разоружување и имплементацијата на Резолуцијата 1540 на Советот за безбедност на Обединетите нации за неширење на оружјето за масовно уништување; заштитата на правата на децата, а особено непридржуваните деца мигранти и спречување на нивната експлоатација во состојби на војна и конфликт; развој отпорен на ризици, имајќи ги предвид демографските трендови и природните ограничувања; состојбата и правата на внатрешно расените лица и сл.

Во рамките на 129. Собрание седница ќе одржи и Комитетот на ИПУ за прашања на Обединетите нации, каде што ќе се обратат Високиот комесар на ОН за човекови права г-ѓа Нави Пилај и Високиот комесар на ОН за бегалци г. Антонио Гутерес, а ќе биде одржана и панел-дискусија за промовирање на меѓународните заложби и бранење на правата на ранливите групи, со фокус на лицата со посебни потреби.

Интерпарламе­н­тарната унија, основана во 1889 година, е најстарата мултилатерална политичка организација, во која членуваат 162 национални парламенти и десет меѓународни парла­мен­­­тарни собранија. Светската организација на парламентите со седиште во Женева има статус на постојан набљудувач во Организацијата на Обединетите нации.

 
Click