Активности

Петок, 18 декември 2015 година

Работна средба на Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со посебни способности

Пратениците од Собранието на Република Македонија вчера имаа работна средба со Интерпартиската парламентарна група за правата на лицата со посебни способности, при што на дневен ред беа разгледани:

  1. Информацијата за досегашните активности на ИППГ;
  2. Претставувањето на Националната платформа за сексуално и репродуктивно здравје на лицата со хендикеп;
  3. Информацијата за идните активности на ИППГ.

Средбата ја отвори претседавачот на Интерпартиската парламентарна група, г. Сашо Василевски, кој изрази задоволство од работната средба, која има за цел да ги заштити и промовира правата на лицата со посебни способности, како и од можноста за продолжување и унапредување на таа соработката во иднина.

Во однос на Информацијата за досегашните активности, ИППГ реализираше низа активности од кои произлегоа предлози кои треба да се реализираат во идниот период.  

Постигната е согласност со пратениците-претседатели на дел од Комисиите, да ги вклучат организациите во расправите на матичните комисии на Собранието, со можност да даваат предлози за законски решенија кои се од нивен интерес, како и проширување на бројот на над 20 организации на граѓанското општество кои работат на и за правата на лицата со посебни способности, во работата на ИППГ.

Како позитивен исчекор е нотирањето на ИППГ и нејзината активност за прв пат оваа година во Извештајот на Европската комисија за Република Македонија, што од друга страна значи поголема обврска и заложба од наша страна во остварување и исполнување на целите на ИППГ.

Госпоѓа Елена Кочоска, програмски раководител на „Полио Плус“ - движење против хендикеп, втемелувачите за идејата за формирање на ИППГ во однос на досега сработеното, посочи дека се горди, но не и задоволни, бидејќи имаат уште многу предизвици кои ги чекаат.

– Сакаме да создадеме придобвики во општеството за сите нас. Затоа работиме по принципот „ништо за нас, без нас“, кој мора да се почитува и да се гине за него. Бараме да ни се остварат основните човекови права, а не специјална грижа, душегрижништво и посебни овластувања, рече Кочоска.

Понатаму, со видео презентација, изработена од „ХЕРА“, беше преставена и Националната платформа за сексуално и репродуктивно здравје на лицата со хендикеп, каде беа споделени проблемите со кои се соочуваат во секојденевниот живот , потребата од едукација, пристап до информации, како и надминување на физичките бариери, пристап до објектите.

Како придонес во дискусиите на работната средба на ИППГ свои обраќања имаа и дел од пратениците- претседатели на Комисиите во Собранието кои едногласно посочија дека се отворени за соработка  за сите лица кои сакаат да дојдат и да учествуваат во нивната работа.

На крајот од средбата беше претставена и информација за идните активности на ИППГ:  

  1. „Полио плус“ заедно со ИППГ ќе иницира вклучување на прашањето со хендикеп во областа на семејното насилство и криминал од омраза. По тој повод ќе има јавна дискусија;
  2. Вклучување и промовирање на инклузивниот метод на координација со организации на граѓанското општество кои работат на и за правата на лицата со посебни способности во работата на ИППГ, но со почитување на Вашиот принцип „Ништо за нас, без нас“; 
  3. Предвидени се серија работни средби за начинот и можноста за имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп по области;
  4. Зајакнување на соработката на ИППГ со меѓународни институции во регионот и во Европа;
  5. ИППГ ќе ја разгледа можноста да иницира формирање на национален мониторинг механизам за имплементација на Конвенцијата за правата на лицата со хендикеп. 
Click