Соопштенија

Понеделник, 27 јануари 2014 година

Јануарска сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа

На јануарската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која ќе се одржи од 27 до 31 јануари 2014 година во Стразбур, Франција, ќе учествува Делегацијата на Собранието на Република Македонија, во состав: г. Александар Николоски, шеф на делегацијата и членовите г-ѓа Ермира Мехмети и г. Игор Ивановски.

Главни теми, за кои ќе се дебатира во текот на зимската сесија, ќе бидат случајот Магнитски, влијанието на интернетот врз политиката, како и интеграцијата на мигрантите во Европа.

Други теми на дневниот ред се борбата против климатските промени, евалуацијата на „партнерството за демократија" со Палестинскиот национален совет и оправданоста на меѓународните организации за кршење на човековите права. Исто така, има барање  итна точка на дневниот ред да биде  функционирањето на демократските институции во Украина.

Австрискиот канцелар Вернер Фејман и претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц ќе се обратат пред пратениците на Собранието , додека претседателот на италијанскиот Дом на пратениците Лаура Болдрини ќе учествува во заедничката дебата за справување со расизмот и нетолеранцијата.

Генералниот секретар на Европа, Торбјорн Јагланд ќе поднесе извештај, а австрискиот министер за надворешни работи, Себастијан Курц, во својство на претседавач со Комитетот на министрите, ќе ги презентира приоритетите на Австриското претседателство, а ќе одговара и на прашања од парламентарците .

Пратениците во Парламентарното собрание на Советот на Европа на почетокот на оваа сесија ќе избираат и нов претседател за мандат од две години.

Конечната агенда ќе биде усвоена од страна на Собранието на денот на отворањето на сесијата.

Click