Соопштенија

Петок, 23 септември 2016 година

Николоски прв македонски пратеник предводник на мисија на ПССЕ за набљудување на избори или референдум

Шефот на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното собрание на Советот на Европа, г. Александар Николоски, во име на ова меѓународно собрание, ќе ја предводи Адхок комисијата за набљудување на референдумот за уставните измени во Азербејџан, закажан за 26 септември 2016 година. Ова е првпат пратеник од Македонското собрание да биде избран да предводи мисија на Парламентарното собрание на Советот на Европа за набљудување на избори или референдум. 

Пратеникот Николоски поради своето искуство во набљудување на изборите во земјите членки на Парламентарното собрание на Советот на Европа, преку учеството во повеќе предизборни и изборни мисии, е избран од Бирото и од претседателот на Организацијата за шеф на мисијата, составена од седум члена  од сите политички групи, која треба да даде оценка за референдумот во Азербејџан.

Делегацијата ќе се сретне со претседателот на Азербејџан, претседателот на Парламентот, претседателот на Централната изборна комисија и членовите на делегацијата на Азербејџан во Парламентарното собрание на Советот на Европа, како и со претставници на граѓанското општество и на медиумите. 

На денот на референдумот, членовите ќе бидат присутни на избирачките места. По завршувањето на гласањето, предвидено е Адхок комисијата да одржи прес- конференција на која ќе биде соопштена нивната оценка за процесот.

Парламентарното собрание го набљудува референдумот во Азербејџан по добиената покана од властите во земјата. 

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.