Соопштенија

<Среда, 26 февруари 2014 година

Писмо до г. Штефан Шенах, претседател на Мониторинг комисијата на Парламентарно собрание на Советот на Европа

Почитуван г. Шенах,

Ви се обраќам во врска со претстојниот состанок на Мониторинг комисијата во Малта на 27 и 28 февруари 2014 година, на кој ќе се разгледува Извештајот за исполнувањето на обврските и заложбите на Албанија, односно Извештајот за мониторинг врз Албанија, преземени при приемот во Парламентарното собрание на Советот на Европа. Поради интензивна работа на Собранието на Република Македонија во насока на усогласување на домашното законодавство со законодавството на ЕУ, како и реформата на јавната администрација, што е наш врвен приоритет, јас, во својство на потпретседател на Мониторинг комисијата, нема да бидам во можност да присуствувам на состанокот. Но, би сакал да Ве замолам, во текот на расправата по точката за Албанија,  во мое име да им обрнете внимание на членовите на Мониторинг комисијата  на неколку факти.

Имено, во Извештајот, во делот посветен на локалната самоуправа, се повикува на намалување на малите општини на локална самоуправа со цел да се создадат поголеми и посилни општини кои би биле одржливи единици на локалната самоуправа. Би сакал да Ве информирам дека во Република Албанија постои општина Пустец, во која живее македонско малцинство и која брои 5.300 жители. Со оглед дека во Предлогот на законот за новата територијално-административна поделба на Албанија се предлага општините да бројат најмалку 10.000 жители, предвидено е припојување на оваа општина кон друга. Доколку општината Пустец, според Предлогот на законот за територијално-административна поделба, се припои кон друга општина, Македонците стравуваат дека ќе ги загубат сите елементарни права на едно малцинство, бидејќи новата општина ќе има доминантно албанско население. Исто така, новата општина ќе биде со голема територија и население што ќе значи покомплицирана процедура за вршење на основните функции на истата. Населението ќе треба да патува повеќе десетици километри за најосновни услуги или документи кои ги издава општината. Ќе се согласите дека во услови кога се прави глобален напор општините да се сервис на граѓаните и да ги намалат административните процедури, една ваква промена сериозно ќе влијае и врз економската благосостојба на и онака сиромашното население од Општина Пустец и покрај етничка ќе значи и економска емиграција.

Исто така, ова решение би можело да го засили процесот на асимилација на македонското малцинство во Албанија и да доведе до намалување на нивните и така минимални права, како и уништување на културниот идентитет на етничките Македонци.

Општината Пустец отсекогаш била единица на локалната самоуправа во која мнозинство биле Македонците и тие се надеваат дека тоа така и ќе остане. Уште повеќе, што и актуелниот градоначалник на општината е Македонец.

Се надевам дека ќе се сложите со мене дека постоењето на малцинствата и различните култури е историски факт, а демократските општества треба да ги толерираат, штитат и поддржуваат националните малцинства во согласност со принципите на нашата организација и меѓународното право.

За таа цел, би сакал да ги повикам членовите на Мониторинг комисијата на ПС на Советот на Европа да се заложат албанските власти да ги спроведуваат неопходните реформи во делот на локалната самоуправа, но притоа да бидат внимателни да не ги загрозуваат правата на националните малцинства. 

 
Со почит, 

 Александар Николоски, потпретседател на Мониторинг комитетот на ПС на Совет на Европа и шеф на македонската делегацијата во ПССЕ

Click