Соопштенија

Четврток, 5 ноември 2015 година

Потпретседателот Милошоски на меѓународна конференција во Софија

Потпретседателот на Собранието на Република Македонија, г. Антонијо Милошоски ќе учествува на меѓународната конференција на тема: „Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ) – регионални синергии, стратегиска соработка и парламентарна дипломатија“ и на седницата на Постојаниот комитет на ПС на ПСЈИЕ, што ќе се одржат од 5 до 7 ноември 2015 година во Софија, Република Бугарија. 

На конференцијата, што се одржува во рамките на Бугарското парламентарно претседателство со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, се очекува учество на пратеници од 13 земји-членки на ПС на ПСЈИЕ, членови на Европскиот парламент, претставници на регионалните парламентарни собранија и иницијативи, како и претставници на невладини организации и академски институции.

Во дневниот ред се вклучени прашања во врска со дефинирањето и имплементирањето на регионалните приоритети, синергијата меѓу регионалните иницијативи и невладиниот сектор, улогата на ПС на ПСЈИЕ во процесот на европска интеграција, соработката со Европскиот парламент и сл.

На свеченото отворање на конференцијата, пред пратениците ќе се обратат г-ѓа Цецка Цачева, претседател на Националното собрание на Бугарија и г. Валентин Пориазов, заменик-министер за надворешни работи на Република Бугарија.


Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, во кое членуваат парламентите на земјите на Југоисточна Европа: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Македонија, Молдавија, Романија, Словенија, Србија, Турција, Хрватска и Црна Гора своите цели и задачи ги базира на принципите на регионална сопственост и европска интеграција. Парламентарното собрание игра значајна улога во промовирањето на парламентарното учество и олеснувањето на интерпарламентарниот дијалог и соработка во регионот, како и во поттикнувањето на процесот на интеграција во Европската унија. 

Click