Соопштенија

Четврток, 22 октомври 2015 година

Пратеникот Алиу во мисија за набљудување на локалните избори во Украина

Пратеникот Имер Алиу како дел од 13-члена делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа ќе учествува во мисијата за набљудување на локалните избори во Украина, закажани за 25 октомври 2015 година.

Мисијата се состои од 57 набљудувачи од 25 земји-членки на Советот на Европа, а вклучува и членови на Конгресот, Комитетот на регионите на ЕУ и на Парламентарното собрание на Советот на Европа.

Локалните избори нема да се одржат во Крим, Севастопол и одредени области на Донецк и Лугањск, како и во одредени области на овие две административни области кои се под контрола на украинските власти, но каде избори не се можни поради безбедносни причини.

Законот обезбедува пропорционална распределба на места за сите локални совети, освен во советите на населбите и селата. Изборот на градоначалниците и советите на населбите и селата  се врши според мнозинскиот систем. 

Градоначалниците во градовите со над 90.000 гласачи ќе треба да добијат апсолутно мнозинство на гласови за да победат (во систем со два круга), додека изборите во градовите со помалку од 90.000 гласачи ќе се одржат во согласност со системот на просто мнозинство.

Мисиите за набљудување на изборите имаат за цел да помогнат во почитување на универзалните вредности, широко познати, разбрани, прифатени и потврдени од страна на Советот на Европа, а со тоа да се зголеми бројот на европски држави, посветени на демократијата, владеењето на правото и човековите права.

Click