Соопштенија

Четврток, 3 декември 2015 година

ПС на ПСЈИЕ распишува младински интернет натпревар во пишување есеј

На 1 декември 2015 година Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ) го отвора Регионалниот младински натпревар во пишување есеј „Младите од Југоисточна Европа за просперитетот на регионот“. 

Натпреварот е еден од настаните што ќе ја одбележат 20 годишнината од постоењето на ПСЈИЕ, кој е основан во 1996 година во Софија на Состанокот на министрите за надворешни работи од регионот. Победниците ќе бидат наградени на посебна церемонија во текот на Годишното заседание на ПС на ПСЈИЕ во јуни 2016 година во Софија. 

Натпреварот во пишување есеј е отворен за млади лица на возраст до 29 година од сите земји во Југоисточна Европа. Сите учесници треба да се регистрираат на интернет страницата на натпреварот www.competition.rspcsee.org и таму да ги поднесат своите есеи најдоцна до 31 март 2016 година. Есеите треба да бидат напишани на англиски јазик. 

Врз основа на номинациите поднесени од парламентите на земјите-членки на ПС на ПСЈИЕ ќе се формира меѓународно жири. Членовите на жирито ќе бидат назначени од редовите на пратениците што дејствуваат во областа на младински активности, образование и култура, проминентни јавни личности, предводници на идеи, универзитетски професори, новинари.  

Натпреварот е организиран од Бугарскиот парламент како тековен претседавач на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ), со активна поддршка од земјите-членки на ПС на ПСЈИЕ.  

За какви било информации околу натпреварот, учесниците можат да стапат во контакт со Регионалниот секретаријат за парламентарна соработка во Југоисточна Европа rspcsee@parliament.bg.

Click