Соопштенија

Понеделник, 10 октомври 2016 година

Собраниска делегација на Есенска сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа

Делегација на Собранието на Република Македонија во состав Александар Николоски, шеф, Рената Дескоска, член, Владимир Ѓорчев и Имер Алиу, заменици-членови, ќе учествува на редовната есенска сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа, која ќе се одржи од 10 до 14 октомври 2016 година во Стразбур, Франција.

Александар Николоски, во својство на потпретседател, функција која ја извршува во текот на 2015 и 2016 година, предвидено е да претседава со Парламентарното собрание на Советот на Европа во среда претпладне.  На есенската сесија обраќања пред пратениците ќе имаат Францускиот претседател, г. Франсоа Оланд, германскиот сојузен министер за надворешни работи, г. Франк-Валтер Штајнмаер и турскиот министер за надворешни работи, г. Мевлут Чавушоглу. 

Темите за кои ќе се дебатира, според дневниот ред, се политичките последици од конфликтот во Украина и правните лекови за кршењето на човековите права во областите кои не се под контрола на Украина, додека дополнителната точка за актуелни настани ќе ја опфати.дебатата за ситуацијата во Турција, во светлината на обидот за државен удар. Томас Бах, претседателот на Меѓународниот олимписки комитет, ќе се обрати пред Собранието во контекст на извештајот за спорт за сите, а пратениците, исто така, ќе расправаат и за извештаите за правата на децата во врска со сурогат бременоста, за лекциите од т.н. „Панамски хартии", со цел да се обезбеди фискална и социјална правда, како и за соработка со Меѓународниот кривичен суд (МКС). 

Министерот за надворешни работи на Естонија, г. Јурген Лиги, во функција на претседавач со Комитетот на министри, ќе ги претстави активностите на естонското претседателство и ќе одговора на прашања на пратениците. Предвидено е и генералниот секретар на Советот на Европа, г. Торбјорн Јагланд, исто така, да одговара на прашања.

На денот на отворањето на седницата, Собранието ќе го избере победникот на наградата Вацлав Хавел за човекови права во 2016 година, од потесниот избор на тројца кандидати и тоа: г-ѓа Гордана Игриќ, новинар од Србија и активен бранител на човековите права и слободата на медиумите, Меѓународниот институт за човекови права - Фондацијата „Рене Касен“, која од 1969 година работи на промоција на човековите права и мирот преку учење и истражување и г-ѓа Надја Мурад, една млада жена која успеала да избега од ИСИС во северен Ирак, и која ја запозна меѓународната јавност со маките на заедницата на Јазидите.

 

Веб-страницата на Собранието користи колачиња (cookies).

Колачињата се користат за подобрување на Вашето корисничко искуство.