Соопштенија

Среда, 24 февруари 2016 година

Собраниска делегација на Зимската сесија на ПС на ОБСЕ во Виена

Делегација на Собранието на Република Македонија во состав г-ѓа Рената Дескоска, шеф на Делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ) и г. Димитар Стевананџија, заменик-член на Делегацијата, ќе учествува на Зимската сесија на ПС на ОБСЕ, што ќе се одржи на 25 и 26 февруари 2016 година во Виена, Австрија. 

Во рамките на Зимската сесија ќе се одржат одделни седници на трите комисии на ПС на ОБСЕ, седница на Постојаниот комитет, како и заедничка седница на трите комисии на Собранието. 

Се очекува на пратениците да им се обратат г. Илка Канерва, претседател на Парламентарното собрание на ОБСЕ, г-ѓа Дорис Бурес, претседател на Австрискиот парламент, г. Гернот Ерлер, специјален претставник на Федералната влада на Германија за претседавањето со ОБСЕ во 2016 година, г. Ламнерто Заниер, генерален секретар на ОБСЕ, г-ѓа Астрид Торс, Висок комесар на ОБСЕ за национални малцинства, г-ѓа Дуња Мијатовиќ, претставник на ОБСЕ за слоботата на медиумите, г. Михаел Георг Линк, директор на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОБСЕ/ОДИХР) и други високи претставници на ОБСЕ и експерти. 

Во рамките на Зимската сесија ќе се одржи и специјална дебата на тема: „Кризата со мигранти и бегалци во регионот на ОБСЕ: зајакнување на колективниот одговор“. Воведничар на дебатата ќе биде г. Кристос Стилианидес, комесар на ЕУ за хуманитарна помош и управување со кризи.

На седницата на Постојаниот комитет е предвидено обраќање на г-ѓа Рената Дескоска, шеф на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во ПС на ОБСЕ во врска со Есенската сесија на ПС на ОБСЕ, што ќе се одржи од 29 септември до 2 октомври 2016 година во Скопје.

Во  функција на подготовка на претстојната Есенска сесија, предвидено е Делегацијата да одржи состаноци со претставници на Бирото и на Меѓународниот секретаријат на ПС на ОБСЕ.

Парламентарното собрание на ОБСЕ го сочинуваат 323 парламентарци од 57 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка. Собранието обезбедува форум за парламентарна дипломатија, набљудување на избори и зацврстување на меѓународната соработка за исполнување на заложбите во врска со политичките, безбедносните, економските прашања, прашањата за човековите права и животната средина. Зимските сесии на Парламентарното собрание на ОБСЕ се одржуваат секоја година во месец февруари во Виена, седиштето на ОБСЕ, со цел да се овозможи дијалог на парламентарците - членови на Собранието со високите функционери на Организацијата, да се дебатира за развојот на тековните настани во регионот на ОБСЕ и да се зацврстат меѓупарламентарните контакти.

Click