Соопштенија

Понеделник, 30 ноември 2015 година

Тринаесетти состанок на Мешовитиот комитет

Согласно член 114 од Спогодбата за асоцијација и стабилизација на Република Македонија и Европската унија и според Деловникот на Мешовитиот парламентарен комитет-Република Македонија и Европска унија, 13.состанок на Мешовитиот комитет ќе се одржи на 3 и 4 декември 2015 година во Скопје, Република Македонија.

На 13. состанок ќе бидат разгледани повеќе прашања во врска со односите на Република Македонија и Европска унија, имплементација на договорите од 2 јуни и 15 јули и предвидените цели од Пристапниот дијалог на високо ниво, со посебен осврт на: владеење на правото, реформи во судството и борбата против корупцијата; изборната реформа и претстојните парламентарни избори; слободата на медиумите и дијалогот меѓу заедниците. Со оглед на актуелната ситуација во регионални и глобални рамки, на овој состанок ќе се расправа и за мигрантската криза: предизвици, справување и можни последици.

Во рамките на состанокот, членовите на Мешовитиот комитет од Собранието на Република Македонија и од Европскиот парламент ќе имаат размена на мислења со г. Фатмир Бесими, потпретседател на Владата на Република Македонија задолжен за евроинтеграции, г. Никола Попоски, министер за надворешни работи на Република Македонија и г. Аиво Орав, амбасадор и шеф на Делегацијата на Европската унија во Република Македонија, во контекст на Извештајот на Европската комисија за напредокот на Република Македонија во 2015 г., Стратегијата за проширување на Европската унија и Пристапниот дијалог на високо ниво. 

Мешовитиот парламентарен комитет - Република Македонија и Европската унија (ЕУ) е формиран врз основа на Резолуцијата на Европскиот парламент од 10 март 2004 година, како и Одлуката на Собранието на Република Македонија од 7 декември  2004 година за основање на Делегација на Собранието на Република Македонија во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација и врз основа на Договорот за стабилизација и асоцијација на Република Македонија (член 114).

Формирањето на Мешовитиот парламентарен комитет (МПК) е одраз на цврстата определба на нашата земја за полноправно членство во ЕУ, како и на заложбите на Собранието на Република Македонија, преку парламентарен дијалог, да придонесе кон процесот на евроинтеграција и достигнување на европските стандарди.

Во основа, МПK-Република Македонија и ЕУ претставува форум каде што пратениците од Собранието на Република Македонија и од Европскиот парламент разменуваат искуства, мислења и ставови за зајакнување на меѓусебното партнерство. Комитетот, како билатерално тело за директна соработка со Европскиот парламент, претставува формално и ефикасно зајакнување и издигнување на повисоко ниво на односите и соработката на Собранието на Република Македонија и Европскиот парламент.

Click