Соопштенија

Среда, 3 септември 2014 година

Учество на пратеникот Александар Николоски на седница на Мониторинг комисија

Шефот на Делегацијата на Собранието на Република Македонија во Парламентарното Собрание на Советот, г. Александар Николоски, на 3 и 4 септември 2014 година во Париз, Франција ќе учествува во работата на две работни тела на организацијата и тоа на седницата на Мониторинг комисијата во својство на потпретседател, како и на Комисијата за политички прашања и демократија во својство на член.

На Мониторинг комисијата, која според Деловникот за работа своите седници ги одржува зад затворени врати, ќе се разгледува информацијата на известителот, г. Роберт Валтер по неговата постизборна посета на Република Македонија, во јули оваа година. 

Дневниот ред предвидува информација и размена на мислења за мониторинг дијалогот на Парламентарното собрание на Советот на Европа со Црна Гора и Босна и Херцеговина, како и постмониторинг дијалогот со Турција и Мароко. 

На седницата ќе се дискутира и за најновите случувања во Украина и ќе се разгледува извештајот за напредокот на мониторинг постапката.

Комисијата за политички прашања и демократија, која ги разгледува политичките прашања за кои Советот на Европа има мандат како и ургентните политички состојби и кризи, на состанокот ќе се фокусира на спротивставувањето на облиците на неофашизам и ксенофобија, потоа состојбата на Блискиот Исток, насилството врз христијанските заедници на Блискиот Исток и Јужниот Медитеран, како и состојбата во Белорусија.

Се очекува пратеникот Николоски во Париз да оствари и повеќе билатерални средби.  

Click