Соопштенија

Петок, 29 март 2019 година

Потпретседателот Мемеди на состанок на Постојаниот комитет на ПС на НАТО во Загреб

На покана од ПС на НАТО, на состанокот на Постојаниот комитет, што ќе се одржи на 30 и 31 март 2019 г. во Загреб, Република Хрватска, ќе учествува Весел Мемеди, потпретседател на Собранието на Република Северна Македонија и заменик-шеф на Делегацијата на Собранието во ПС на НАТО.  

Учество на состаноците на Постојаниот комитет е резервирано само за шефовите и заменик-шефовите на парламентарните делегации на земјите-членки на НАТО, на кои се одлучува за важни прашања од работата на ПС на НАТО меѓу две редовни сесии, а според тежината на документите и одлуките што се усвојуваат, овие состаноци имаат значење на мини пленарна сесија. Во светло на нашето зачленување во НАТО, Делегацијата на Собранието во ПС на НАТО доби покана за прв пат да учествува во работата на Постојаниот комитет. 

Дневниот ред на состанокот предвидува разгледување и усвојување на: финансиските извештаи од работењето на ПС на НАТО за фискалната 2018 година, извештајот за балансираната родова застапеност во телата и органите на ПС на НАТО, како и предлозите за изменување и дополнување на Деловникот на ПС на НАТО во контекст на зачленувањето на Република Северна Македонија во ПС на НАТО. Како посебна точка од Дневниот ред е документот за „Интегрирањето на Република Северна Македонија во ПС на НАТО и преглед на ратификациите на Пристапниот протокол“, во кој е прикажана динамиката на нашето постепено вклучување во сите активности во ПС на НАТО како делегација со полноправен статус, распределбата на места во комитетите и другите органи на Парламентарното собрание, годишната котизација, учеството на нашата делегација на настаните на Организацијата и статусот на ратификацијата на Пристапниот протокол. 

Во рамките на програмата, на отворањето на состанокот, на учесниците ќе им се обрати Андреј Пленковиќ, премиер на Република Хрватска, а ќе биде организирано и свечено одбележување на 10-годишнината од членството на Република Хрватска во НАТО во присуство на хрватската претседателка Колинда Грабар-Китаровиќ и претседателот на Хрватскиот сабор, Гордан Јандроковиќ. 

Click